
Поради кавга за семеен имот српски полицаец ги убил зетот и внуката па си пресудил
Во пукањето биле повредени уште две жени – сестрата на напаѓачот и мајката на неговиот зет. Тие биле пренесени во болница, а според првичните информации се во тешка состојба.
Тешко семејно злосторство се случи денеска во Велико Градиште во Србија, каде припадник на граничната полиција, според српските медиуми, со пиштол ги убил својот зет и 19-годишната внука, а потоа се самоубил.
Во пукањето биле повредени уште две жени – сестрата на напаѓачот и мајката на неговиот зет. Тие биле пренесени во болница, а според првичните информации се во тешка состојба.
Досегашните информации упатуваат дека на трагедијата ѝ претходела семејна расправија околу имотни прашања. Злосторството се случило во куќа во слепа улица во Велико Градиште.
Случајот прва го забележала млада жена која поминувала со велосипед во близина и видела жена како неподвижно лежи пред куќата, по што биле известени надлежните служби.
Полицијата на местото пронашла три безживотни тела и две повредени жени. Во увидот учествуваат полицијата, екипи на Итната медицинска помош и двајца обвинители од Вишото јавно обвинителство во Пожаревац.