
Во близина на куќите, веднаш под Тумбе Кафе, деновиве се откопани и извадени повеќе од 1.700 рачни бомби, но и тромблонски мини од Првата светска војна.
Како што истакна Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, продолжува откопувањето и се очекува да бидат пронајдени над 1.000 бомби, но и други видови неексплодирани убојни средства.
Во ископувањето учествуваат пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов, тројца пензионирани припадници од МВР, двајца поранешни припадници на специјалната единица „Тигри“ и еден пензиониран припадник од Отсекот за антитероризам на МВР, ангажирани со договор на дело во МВР.
Според Ангелов, тие дале голем придонес во откопувањето и во безбедното отстранување на овие бомби од Првата светска војна.
Тој најави дека се планира во иднина да се исчистат и неколку други критични локации во Битола, бидејќи имаат информации дека има стотици на нив, а на некои и илјадници неексплодирани убојни средства.
Тој упати апел доколку граѓаните наидат на предмети што наликуваат на бомба, граната, на каков било проектил од која било војна, веднаш да се јават на телефонскиот број 112, од каде што ќе биде известена Дирекцијата за заштита и спасување.
– Нашите стручни лица веднаш ќе излезат на самото место да го подигнат убојното средство и потоа ќе го уништат на безбеден начин – нагласи Ангелов.