
Платформата “12.05“ подготвува опозициски фронт со СДСМ во него, но без Филипче на чело
За да се победи актуелната власт потребно е во Македонија да дојде до создавање и окрупнување на опозициски фронт. Што значи да се отвори простор за секој еден поединец, структура или групација која е опозициски настроена. Во тој опозициски фронт секако дека има место за СДСМ. И, тоа место да биде предводник на фронтот кој ќе ја урне актуелната власт. Но, не со Венко Филипче и актуелното раководство во него.
За да се победи актуелната власт потребно е во Македонија да дојде до создавање и окрупнување на опозициски фронт. Што значи да се отвори простор за секој еден поединец, структура или групација која е опозициски настроена. Во тој опозициски фронт секако дека има место за СДСМ. И, тоа место да биде предводник на фронтот кој ќе ја урне актуелната власт. Но, не со Венко Филипче и актуелното раководство во него.
Вака сублимирано беа искажани поентите од денешниот брифинг на Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ . Претставена од некогашните високи функционери во СДСМ Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Гордан Георгиев и актуелната пратеничка, а поранешна министерка Славјанка Петровска, Платформата најави сериозна и интензивна активност која првенствено ќе биде фокусирана, како што рекоа, на средување на состојбите во СДСМ. Потенцираа дека немаат намера ниту да формираат посебен политички субјекти – партија, ниту пак да настапат со независни листи на идните парламентарни избори, независно дали ќе бидат редовни или предвремени.
„Нема да бидеме ниту ЗНАМ 2.0, ниту некогашната НСДП. Ќе бидеме граѓанска и мултиетничка платформа која примарно ќе ги насочи своите сили за што поскори промени во СДСМ. Затоа што целта ни е да помогнеме, да ги обединиме сите во една граѓанска, мултиетничка платформа и промени на ова раководство на СДСМ. Крајна цел е победа на оваа власт. СДСМ се бореше против заробена држава, а стана заробена партија“, порачаа од Платформата. Оттаму најавуваат дека веднаш по дебатата за поширока лепеза на општествено важни прашања, имаат намера да му презентираат збир на решенија со кој опозицијата ќе излезе од актуелната бездна и ќе биде подготвена да се соочи со власта и да ја победи. “Имаме план и ќе делуваме брзо. Сакаме на Венко Филипче да му дадеме уште една шанса да се освести и да работи во прилог на ваквата кауза“, потенцираат од “Платформата 12:05“.
Правејќи неколку истражувања дошле до сознание дека кај граѓаните постои опозициско расположение, затоа што во секое од истражувањата се покажало дека има од 200 до 250 илјади гласачи кои, како што, рекоа, „се тркалаат“ а нема кој да ги прибере иако се опозициски настроени. Затоа што нема вистинска опозиција која ќе има крајна цел – да се победи над актуелната власт, чиј висок рејтинг, како што оценија, не е резултат на нејзините досегашни постигнувања, туку на слабата опозиција.
„Оваа влада покажа отсуство на желба за борба против корупција, отсуство на волја за реформи, пред сè во правосудтвото, отсуство на сервисни политики – во здравство, во образование, во економијата. Оваа влада се кандидира да биде на врвот на најнеспособни влади во сите изминати 35 години македонска независност и ги изневери очекувањата на граѓаните. Но зошто владата има толкав рејтинг – затоа што има отсуство на алтернатива во равенката, а тоа е отсуство на способна, ефикасна, силна опозиција, која не би овозможила ваков дисбаланс“, потенцираа на брифингот.
Јавното појавување на демократската платформа, беше посочено на брифингот, почнало откако тие две години наназад имале внатрепартиски разговори, вклучително и со лидерот Венко Филипче, кои завршувале без конкретни промени во партијата.
„Подолг период се зборуваше одвнатре во партијата, имаше серија разговори со претседателот на партијата и тие разговори или завршуваа со одмолчување или со потврдување, а потоа неспроведување на договореното. Затоа, по две години решивме медиумски да се појавиме. Имаше непристојни понуди од раководството да се биде дел од него за сметка на тоа да се туркаат работи под маса. Но тоа го отфрливме“, нагласија соговорниците од Платформата, оценувајќи дека луѓето кои се дел од оваа платформа се решението, а не проблемот на СДСМ.
Дел од нив го оценија лидерот на социјалдемократите Венко Филипче како целосно некомпетентен да биде лидер на партијата и дека нема право да зборува оти не бил информиран за дејствувањето на платформата.
„Филипче не е претставник на членството на СДСМ, тој зема членска книшка пред да стане министер. Кога ние се боревме против режимот, Филипче беше дел од контрапленумот. Имаме план како да предизвикаме структурни промени во СДСМ“ нагласија од Платформата.
Следната рунда разговори на демократската платформа ќе се одржи в сабота во 12:05 часот во хотелот „Стоун Бриџ“. Како што беше најавено на неа ќе треба да стане збор меѓу другото за: преиспитување на клучните предизвици од независноста до денес; сторените грешки наспроти постигнатиот напредок; практикувањето на власта како парадигма на актуелната безнадежност; научените лекции од минатото и можни патишта за иднината; нов општествен договор како нужност за враќање на Македонија на стратешкиот колосек.