Пензионерите инсистираат минимална пензија да е 70 отсто од минимална плата

Партијата на пензионери бара минималната пензија во Македонија законски да се врзе со минималната плата и да изнесува најмалку 70 отсто од нејзиниот износ. Предлогот предвидува најниската пензија да се усогласува двапати годишно – во март и во септември.

Партијата на пензионери бара минималната пензија во Македонија законски да се врзе со минималната плата и да изнесува најмалку 70 отсто од нејзиниот износ. Предлогот предвидува најниската пензија да се усогласува двапати годишно – во март и во септември.

Според податоците што ги посочува партијата, минималниот износ на пензија во моментов е 20.228 денари, а во трите групи со најниски пензии се опфатени вкупно 128.987 пензионери. Тоа е 36,78 отсто од вкупниот број пензионери во земјата.

Во групата со најнизок износ има 26.850 пензионери кои примаат до 20.228 денари месечно. Дополнително, кај дел од корисниците на земјоделски, семејни и инвалидски пензии износите можат да бидат и пониски. Како пример се наведува најниската земјоделска пензија од 17.891 денар.

Од Партијата на пензионери велат дека целта е најниските пензии да не зависат само од повремени линеарни покачувања, туку да постои траен механизам кој автоматски ќе го следи движењето на минималната плата.

„Целта на утврдување минимален износ на пензија е да им се помогне на оние пензионери кои се во социјален ризик“, изјави за „Вечер“ Миле Андоновски, поранешен генерален секретар и потпретседател на Партијата на пензионери.

Барањето, според него, не е ново и партијата го предлага уште од 2020 година.

Минималната плата во Македонија годинава изнесува околу 26.046 денари. Тоа значи дека 70 отсто од сегашниот минималец се околу 18.232 денари – помалку од минималната пензија од 20.228 денари што ја наведува Партијата на пензионери.

Оттука, доколку правилото од 70 отсто би се применило на сегашните износи, тоа само по себе не би донело повисока минимална пензија. Неговото значење би било пред сè во воспоставување законска гаранција со која најниската пензија во иднина автоматски би го следела растот на минималната плата.

Партијата на пензионери посочува дека особено ранливи се домаќинствата кои живеат само од една пензија, како и корисниците на семејни пензии. Семејната пензија за еден член, согласно со законската рамка, се определува во висина од 70 отсто од основата.

Во периодот од 2024 до 2026 година пензиите беа зголемувани линеарно во неколку наврати. Според „Вечер“, со четирите покачувања – двапати по 2.500 и двапати по 1.000 денари – вкупното номинално зголемување достигнало 7.000 денари.

Партијата смета дека наместо вакви повремени интервенции, потребен е предвидлив систем што ќе ја утврдува долната граница на пензиите и ќе обезбедува нивно редовно усогласување.

Дали предлогот ќе прерасне во законско решение засега не е познато. објавува Журнал.мк