Османи: Четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка, Муцунски денеска го потврди тоа
Четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам, повторувам. Еден чекор поминат, напиша Османи на својот Фејсбук профил и ја сподели изјавата на актуелниот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски Муцунски денеска, во одговор на новинарско прашање, кажа дека негов став како министер за надворешни работи и како правник е дека протоколите не се дел од преговарачката рамка.
Четири години трпам критики оти велам дека протоколите не се дел од преговарачката рамка, а сега тој чекор е поминат, вели ексминистерот за надворешни работи, Бујар Османи, откако актуелниот министер, Тимчо Муцунски денеска го потврди токму тоа – дека според него, и како министер – и како правник, протоколите, односно записниците од разговорите, не се дел од Преговарачката рамка.
„Четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам, повторувам. Еден чекор поминат – Протоколот не е дел од рамката. Продолжуваме понатаму…“, напиша Османи на својот Фејсбук-профил и објави дел од денешната прес-конференција на Муцунски, каде го говори тоа.
Министерот Муцунски на денешната прес-конференција во Влада, доби прашања во однос на спорот со Бугарија, при што истакна дека земјава е во постојана комуникација со земјите-членки, европските институции, како и со соседна Бугарија, но не сакаше да дава оценка колку двете земји се блиску или далеку од решение.
Тој посочи дека во целост се согласува со ставот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оти во содржината на преговарачката рамка, нема ниту експлицитна ниту, пак, имплицитна одредба поврзана со моментот на влегување во сила на уставните измени и кажа дека од правна и номотехничка гледна точка постои суштинска разлика помеѓу тоа што се наведува во заклучоците на Советот на Европската Унија и Преговарачката рамка, во споредба на тоа што е содржина на вториот протокол.
На новинарско прашање околу тоа дали протоколот е дел од Преговарачката рамка, министерот неколкупати одговори негативно.
„Мојот став како министер за надворешни работи е дека протоколите, да повторам, тоа е називот на записниците од разговорите, некој одлучил да се наречат протоколи, зошто тоа е направено, еве во тоа да не навлезам, согласно моето толкување и како министер за надворешни работи и како правник е дека тие не се дел од Преговарачката рамка“, кажа Муцунски.