
Откако Комитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, вели дека дивоградбите не само во Охрид, туку секаде, треба да се уриваат на законски начин. Владата доби уште пет години за да ги спроведе забелешките на УНЕСКО за заштита на Охрид.
Во 2024, Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди дека Охрид има 4.847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели, а од 456 решенија за уривање ниедно не е спроведено. Во 2024 градоначалник на Охрид беше Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, кој во ноември 2025 го почна и вториот мандат.
На новинарско прашање дали ќе се рушат дивоградбите во Охрид, Муцунски одговори дека и тука има конкретни предмети кои што треба еден по еден да се решаваат и дека тоа се прашања каде надлежноста е поделена помеѓу централната власт и локалната власт.
„Ако мене ме прашувате како министер и како член на Владата, а верувам дека тоа е ставот на сите членови на Владата, кога е во прашање дивоградба било каде, не само во Охрид, таа треба да биде отстранета. И тоа треба да биде направен на соодветен и на законски начин“, рече министерот за надворешни работи.
Одлуката на УНЕСКО Муцунски ја оцени како значаен дипломатски успех за државата.
„Денешната одлука на УНЕСКО е значаен чекор, но не и крај на процесот. Заедно со Албанија треба да подготвиме временски ограничена рамка за спроведување на стратегискиот план до 2030 година. До 1 февруари 2027 треба да биде доставен нов извештај за постигнатиот напредок“, рече Муцунски.