
Мицкоски ги повика турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија
Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари.
Има голем интерес на турските компании за инвестирање во Македонија – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по учеството на бизнис-форумот во Истанбул, каде што со владина и бизнис-делегација ги презентира можностите на македонската економија.
Целта, посочи Мицкоски, е нашата македонска економија и нашите бизниси да се поврзат со бизнисите овде во Истанбул.
– Овде сум присутен заедно со владина, но и со бизнис-делегација. Ја продолжуваме традицијата на организирање B2B-настани и B2B-средби, односно она што го почнавме во Унгарија и што го продолживме во Австрија, потоа со хрватската бизнис-заедница на билатералната средба во Охрид, го продолжуваме сега овде во Истанбул. Нашата цел е нашата македонска економија и нашите бизниси да се поврзат со бизнисите овде во Истанбул, Турција. Постои навистина голем интерес кај турските бизнисмени за инвестиции во Македонија, а она што ние ќе го правиме во овие два дена во Истанбул е да ги презентираме можностите на македонската економија и сите оние можности и поддршка што ние како Влада ја даваме за привлекување странски директни инвестиции – изјави Мицкоски посочувајќи дека при престојот во Турција очекува многу успешни состаноци како и дека ќе бидат испратени силни пораки.
Тој ги повика турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија.

– Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба, почит и силни врски меѓу народите, а токму тие односи претставуваат цврста основа за продлабочување на економската соработка и нови инвестиции – истакна Мицкоски во обраќањето на форумот.

Тој посочи дека Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација, со стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, модерни индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари.
– Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари. Нагласив дека нашата цел е да градиме долгорочни партнерства, кои ќе создаваат нови работни места, поголем економски раст и заеднички успех. Ги поканив турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија, држава што има јасна визија за иднината, отворена врата за нови инвестиции и силна определба за економски развој – напиша Мицкоски во објавата.
Трговската размена Змеѓу двете земји минатата година достигна една милијарда американски долари, што претставува значаен резултат, но и поттик за уште поамбициозни цели во иднина – објави на „Фејсбук“ шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, кој учествува на бизнис-форумот Северна Македонија – Турција.
Во обраќањето на бизнис-форумот, посветен на унапредување на економските врски, трговската размена и инвестициската соработка меѓу двете земји, тој порачал дека економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика, туку нејзино јадро, како и дека успешната дипломатија денес значи повеќе инвестиции, повеќе извоз, нови пазари и конкретни можности за компаниите и граѓаните. .

– Владите ја создаваат рамката, институциите ги отвораат вратите, но компаниите се тие што создаваат вредност, работни места и резултати. Затоа е неопходно дополнително да ја зајакнеме директната соработка меѓу бизнис-заедниците и да поттикнеме нови партнерства во индустријата, ИКТ-секторот, логистиката, туризмот, агробизнисот, инфраструктурата и иновациите. Посилната економска соработка не е важна само за нашите две држави. Таа значи поголема поврзаност, поголема конкурентност и повеќе можности за развој на целиот регион – вели Муцунски.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали ја истакна важноста од продлабочување на економската соработка и создавање нови партнерства меѓу двете земји.
– Првпат европската интеграција е директно поврзана со конкретни инвестиции, економски раст и постепена интеграција во единствениот европски пазар. Тоа создава нови можности за компаниите, инвеститорите и граѓаните – рече Сали.
Тој ги охрабри турските компании активно да ги искористат можностите што ги нудат ИПА-фондовите, планот за раст на ЕУ и инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) посочувајќи дека коридорите VIII и X остануваат стратешки инфраструктурни проекти од регионално значење.
На Форумот обраќање имал и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, при што ја истакнал посветеноста на Владата за создавање предвидлива, конкурентна и инвестициски ориентирана деловна средина, насочена кон поттикнување на нови инвестиции, економски раст и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.
– Северна Македонија е отворена за нови инвестиции и нови партнерства. Нудиме стабилна макроекономска политика, стратешка географска положба, пристап до регионалните пазари, квалификувана работна сила и силна институционална поддршка за инвеститорите. Уште поважно, нудиме партнерство засновано на доверба и долгорочна соработка – истакна министерот Дурмиши.

Форумот се организира во рамките на проектот „Промоција на мапа за инвестирање“ како дел од програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП. Форумот има цел да ги поврзе институциите и бизнис-секторот од двете земји преку директни контакти и разговори насочени кон отворање нови можности за соработка и заеднички инвестиции.
Претходно од кабинетот на потпретседалот на владата и министер за транспорт, Александар Николоски соопштија дека тој имал средба со министерот за трговија Омер Болат, како и Абдулкадир Уралоглу, министерот за транспорт на Турција на која станало збор за зголемување на економската соработка и трговската размена меѓу Македонија и Турција, унапредување на билатерланите односи и создавање нови можности за соработка и инвестиции.

Посебен фокус на средбата, информира Министерството за транспорт, беше ставен на развој на инфраструктурата и регионалното поврзување, а притоа вицепремиерот истакна дека во Македонија се реализира најобемниот инвестициски циклус во изградба и модернизација на целокупната инфраструктура и ги повика сите заинтересирани турски компании да земат учество на меѓународните повици.став на вл
Во фокусот на форумот беше зајакнувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и отворањето нови инвестициски можности.
Форумот беше отворен со обраќања на претставници на DEİK – Советот за надворешни економски односи и УНДП.
Во рамки на панел-дискусиите, посветени на трговијата, индустријата, енергетиката, инфраструктурата и логистиката, посебен акцент беше ставен на регионалното поврзување и улогата на слободните економски зони во привлекувањето нови инвестиции.
Во рамки на форумот беше презентирана и Мапата за инвестирање во Северна Македонија, која ја претстави советникот на претседателот на Владата и поранешен вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски. Мапата нуди сеопфатен преглед на инвестициските потенцијали, развојните зони и можностите за вложување во земјата, со цел нивна промоција пред странските инвеститори.
По официјалниот дел следуваше Б2Б средба меѓу македонски и турски компании, на која беа остварени директни контакти и разговори за идни партнерства и нови инвестициски проекти.