Иран очекува до 20 милиони луѓе на погребот на Али Хамнеи

Иранските власти очекуваат до 20 милиони луѓе да присуствуваат на погребните церемонии за поранешниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен во израелски воздушен напад кон крајот на февруари, јави ДПА.

Иранските власти очекуваат до 20 милиони луѓе да присуствуваат на погребните церемонии за поранешниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен во израелски воздушен напад кон крајот на февруари, јави ДПА.

Церемониите ќе започнат на 4 јули во Техеран и во светиот град Ком, а погребот е закажан за 9 јули во родниот град на Хамнеи, Машхад, во североисточниот дел на земјата.

Поради очекуваните температури од околу 40 Целзиусови степени, властите во координација со полицијата и Иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРЦГ) подготвуваат обемни безбедносни и логистички мерки.

Планирана е и комеморативна церемонија во светилиштето на третиот шиитски имам Хусеин во Кербала, Ирак, иако таа сè уште не е официјално потврдена.

Според локални медиуми, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи престојува во Багдад на разговори со ирачките власти околу организацијата на настанот.

Осумдесет и шестгодишниот Хамнеи беше убиен во својата официјална резиденција во Техеран за време на првиот бран израелски и американски напади на 28 февруари 2026 година.

Погребот првично беше закажан многу порано, но неколкупати беше одложуван поради безбедносни причини, бидејќи на него треба да присуствува целото политичко раководство на Иран.

По неговата смрт, во Техеран, Ком и Машхад беа прогласени пет неработни денови.

Останува неизвесно дали неговиот син и наследник, Моџтаба Хамнеи, кој беше тешко ранет во истиот напад и една недела подоцна беше именуван за нов врховен лидер, ќе присуствува на церемонијата. Тој досега не се појави во јавноста, што поттикна шпекулации за неговата здравствена состојба.