
Зајкова: Наместо да се расфрла со фалби дека соседите точеле евтино гориво кај нас, Владата треба да ги субвенционира македонските граѓани
ЛДП бара Владата да ги субвенционира граѓаните, со оглед на нивниот стандард и ниските плати, и тоа во делот на горивата, како и на студентскиот оброк.
ЛДП бара Владата да ги субвенционира граѓаните, со оглед на нивниот стандард и ниските плати, и тоа во делот на горивата, како и на студентскиот оброк.
„ЛДП беше меѓу првите партии која што излезе и кажа дека Владата навистина треба да преземе итни мерки, особено сега кога имаме изјави од страна на претседателот на Соединетите Американски Држави дека непријателствата ќе продолжат. Тоа значи дека имаме криза во најава“, изјави претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова во гостување во Дневникот на Сител.
Но, според Зајкова, тие мерки не се само изјави дека македонските граѓани имаат најевтино гориво, тие се најсиромашни во регионот, ниту пак се фалби дека соседите точеле гориво во Македонија, а притоа ние го субвенционираме данокот.
„Прашањето е како на македонските граѓани и компании да им ја олесниме целата оваа криза? Еве, еден предлог може да биде начинот на кој што функционира Мој ДДВ. Можеби нели, оние кои што се даночни обврзници на Македонија и фирми регистрирани во Македонија при точењето на гориво да скенираат и да добијат некаков поврат на средства“, посочува претседателката на ЛДП.
Тоа остава можност и поголемите партии, условно кажано поголеми, кои што примаат пари од државата за аналитички центри, да ги искористат малку и за покреативни мерки и решенија и во делот на кризата, а не само за отровни партиски соопштенија.
„Во делот на студентскиот оброк, бидејќи сум креатор на ова законско решение кое што претходно студентите не го уживаа и беше воведено во 2020-та година. Самиот закон, по амандман на Форумот за образовни промени, има одредба во која вели дека износот на субвенцијата треба да се усогласува со порастот на трошоците за живот. Па оттука, ако ме прашате, апсолутно да, давам поддршка, бидејќи веќе во законот тоа постои. И ако денеска го дадеме законот на Уставен суд, ќе видите дека ваквата исплата не соодветствува со членот којшто е напишан и мора да се зголеми“, заклучува Зајкова.