Законот против пушење заглави во Собрание, се чекаат дополнителни мислења

Новиот закон за заштита од пушење сè уште не стигнал до пленарна седница. Иако првично беше најавено дека построгите правила ќе почнат да се применуваат уште во март годинава, предлогот во моментов останува во собраниска процедура, каде што чекаат дополнителни мислења за поднесените амандмани.

Предлог-законот стигнал до второ читање на собраниската Комисија за здравство, но досега се поднесени осум амандмани.

Од Собранието велат дека дел од пратениците побарале дополнителни мислења од домашни експерти, како и од стопанствениците што се занимаваат со производство на тутунски производи.

„Покрај мислењето на Светската здравствена организација, група на пратеници побарале дополнителни мислења за законот од домашни експерти и мислење од стопанствениците што се занимаваат со производство на тутунски производи. Штом пристигнат побараните мислења, комисијата ќе ја продолжи постапката“, информираат од Собранието.

Предлогот носи построги правила во однос на пушењето во затворени простории. Забраната не би се однесувала само на класичните цигари, туку и на електронските цигари.

Пушењето би било забрането во јавни институции, приватни компании, образовни установи, автобуски и железнички станици, пазари и други места каде што се собираат поголем број луѓе.