
За седум месеци – Македонија со дефицит од 2,1 милијарда евра во трговската размена
Трговска размена од над 12,3 милијарди евра е направена меѓу Македонија и државите – партнери за седум месеци, од јануари до јули. Вредноста е за 8,1 насто повисока во споредба со лани. Во тие рамки, извозот е зголемен за 8,4 насто и достигнува износ од 5.102,9 милиони евра. Увозот и натаму е доминантен, со 7.199,3 милиони евра, но со раст од 7,8 насто кој заостанува зад темпото на извозот.
Трговска размена од над 12,3 милијарди евра е направена меѓу Македонија и државите – партнери за седум месеци, од јануари до јули. Вредноста е за 8,1 насто повисока во споредба со лани. Во тие рамки, извозот е зголемен за 8,4 насто и достигнува износ од 5.102,9 милиони евра. Увозот и натаму е доминантен, со 7.199,3 милиони евра, но со раст од 7,8 насто кој заостанува зад темпото на извозот.
Изразено во домашната валута, пресметката на Државниот завод за статистика вели: „Вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари – јули 2026 година изнесува 314.660,2 милиони денари и бележи пораст од 8,45 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – јули 2026 година, изнесува 443.910,2 милиони денари, што е за 7,93 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година“.
Притоа, трговскиот дефицит изнесува речиси 2,1 милијарда евра. Попрецизно, за седум месеци сме увезле 2.096,4 милиони евра повеќе стока отколку што сме извезле. Покриеноста на увозот со извозот е 70,9 отсто. Или, од секои 100 евра увоз, со извоз покриваме околу 70,9 евра. Тоа е малку пониско од забележаните 71,3 отсто во првото полугодие.
Од Статистика посочуваат на трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација, која покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и други моторни возила за превоз на лица.
Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, во седуммесечниот период најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 49,4 отсто во вкупниот обем на размената. Земјите членки на ЕУ имаат удел од 58,7 отсто во вкупната размена.