
Дурмиши: Компаниите да ја искористат поддршката за инвестиции, да аплицираат до 15 јуни
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ги повика компаниите кои реализирале инвестиции и ги исполнуваат законските услови, да ја искористат можноста за државна поддршка и навреме да аплицираат.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ги повика компаниите кои реализирале инвестиции и ги исполнуваат законските услови, да ја искористат можноста за државна поддршка и навреме да аплицираат.
Крајниот рок за поднесување на барањата, потсети, е 15 јуни.
-Законот за финансиска поддршка на инвестиции е една од најзначајните алатки преку кои државата ги поддржува компаниите што инвестираат, отвораат нови работни места и ја зголемуваат својата конкурентност. Ги повикувам сите компании кои имаат реализирано инвестиции и ги исполнуваат условите да аплицираат најдоцна до 15 јуни и да ја искористат поддршката што им стои на располагање. Особено ме радува што компании од Општина Чаир, како ONE Cable, Pikasa, Koral Group и MSA Company и во претходните години успешно ги користеле мерките од Законот и преку нови инвестиции придонеле за развој на локалната и националната економија, изјави Дурмиши по посетата на овие фирми.
Со Законот се обезбедува директна финансиска поддршка за компании кои реализираат инвестиции од најмалку 100.000 евра, инвестираат во нови производствени капацитети, нова опрема и технологии, отвораат нови работни места и вложуваат во истражување и развој.
Мерките предвидуваат поддршка за нови вработувања во висина до 20 проценти од исплатената нето-плата, односно до 4.400 евра годишно по вработен, поддршка за капитални инвестиции до 10 проценти од оправданите инвестициски трошоци, но не повеќе од еден милион евра годишно, како и поддршка за истражување и развој во висина до 50 проценти од оправданите трошоци, со максимален износ до еден милион евра.
Законот исто така предвидува посебна поддршка за инвестициски проекти од значаен економски интерес, за компании кои бележат пораст на приходите и конкурентноста на пазарот, како и за проекти кои придонесуваат за технолошки развој и отворање квалитетни работни места.
-Министерството за економија и труд останува посветен партнер на бизнис-заедницата и ќе продолжи да спроведува политики кои поттикнуваат инвестиции, иновации, продуктивност и одржлив економски раст, рече Дурмиши.