Драпати: Украина ќе ги засили офанзивните операции и ќе планира нови дејствија зад непријателските линии

Новиот главен командант на украинската армија, Михајло Драпати, денеска изјави дека добил задача да ги засили офанзивните операции против Русија и да подготви нови дејствија на руска територија.

Новиот главен командант на украинската армија, Михајло Драпати, денеска изјави дека добил задача да ги засили офанзивните операции против Русија и да подготви нови дејствија на руска територија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера го назначи 43-годишниот Драпати на највисоката воена функција, заменувајќи го 60-годишниот Олександр Сирски.

Смената следува по разрешувањето на технолошки ориентираниот министер за одбрана Михајло Федоров минатата недела, што ги изнесе на површина длабоките поделби во украинското одбранбено раководство.

„Претседателот на Украина ни постави јасни задачи – да ги продолжиме и засилиме офанзивните операции на сите правци, да планираме нови операции зад непријателските линии, да ја развиваме армијата и нејзините технологии и да ги зајакнеме способностите на Вооружените сили на Украина“ – напиша Драпати на Фејсбук.

Украина годинава ги засили нападите врз руската енергетска инфраструктура и логистички капацитети во обид да ги поткопа воените операции на Москва.

Драпати потврди и дека генерал-мајор Игор Скибјук, поранешен командант на воздушно-десантните сили, ќе биде нов началник на Генералштабот.

Драпати, кого многумина го сметаат за припадник на новата генерација украински команданти, ужива репутација на искусен воен лидер. Неговиот претходник Сирски беше изложен на критики поради строгиот стил на командување, за кој дел од војниците тврдеа дека довел до неоправдано големи загуби.

Во денешната објава на социјалните мрежи, со која го потврди заминувањето од функцијата, Сирски ги истакна своето борбено искуство и спроведените реформи, меѓу кои и враќањето на повеќе од 700 квадратни километри украинска територија годинава.

– На мојот наследник му предавам армија која не само што ја одржува одбраната, туку и напредува – со иницијатива, со структура и со луѓе кои знаат како да го победат непријателот – порача Сирски.

Драпати ја презема функцијата во период на растечки општествени и политички тензии околу военото раководство на Украина и ќе се соочи со бројни предизвици, меѓу кои и чувствителното прашање за мобилизацијата на нови војници.

„Практичен и ефикасен процес на мобилизација е поставен како приоритет“ – напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.