
(ВИДЕО) Стојковски: Идентитетот не може никој да ни го земе, тој се гради преку културата
➡За тоа колку се издржани тезите од македонските власти, дека Македонија ги има речиси сите обврски од Реформскиот план реализирано, дека само останува да се надмине проблемот со Бугарија, и дека ние за релативно кратко време би можеле да ги стигнеме Албанија и Црна Гора, Стојковски вели дека тоа е интересна теза која се провлекува многу долго време. ➡Околу тоа дека и претседателката Силјановска и спикерот Гаши имаа средба со своите бугарски колеги, а од друга страна Румен Радев вели дека нема што ново да си каже со Мицкоски, Стојковски вели дека процесот е условно кажано објективен затоа што постојат Копенхашки критериуми според кој се цени напредокот на секоја држава, меѓутоа тоа е паралелно исклучително политички процес во којшто единствено нешто што може да се гарантира е дека државата може да го диктира темпото на пристапувањето. ➡ Говорејќи за тоа какви гаранции ние бараме од нашите меѓународни партнери, па и од Бугарија, во однос на тоа дека би се согласиле на уставни промени, внесување на Бугарите во преамбулата, но после тоа да нема нови условувања, Стојковски вели дека таква гаранција добивме. ➡Треба да расчистиме што се оние работи што сакаме да ги гарантираме – јазикот, историското минато или пак иднината. Идентитетот се гради низ грижата за културата, низ грижата за јазикот. Ако ние создаваме се повеќе дела, ако преведуваме се повеќе дела на македонски јазик, ако го промовираме јазикот, литературните дела, културното творештво или пак наследство од државава, тоа е начинот на којшто можеме да го градиме или чуваме нашиот идентитет. Не постои механизам којшто тоа може да ни го гарантира од надвор, ако ние самите не го правиме“, изјави Андреја Стојковски.
„Ако сакаме да замислувам можеби подобра иднина, тогаш треба да речеме дека постои можност за некакво поместување, па ова сега е пеглање на ставови или разгледување на следни чекори. Ако бидеме реални, или оптимисти со искуство, тогаш треба да размислуваме дека ова е само повторување на истите пораки, посета која можеби ќе значи можеби ублажување на чувствата на оние коишто се чувствуваат предадени од моментот дека Молдавија и Украина започнаа преговори за пристапување во членство. Јас лично не би одел во оптимизмот дека нешто ќе се промени“, изјави во Трилинг, Андреја Стојковски, директор на Преспа институт, околу најавената посета во релативно краток временски период на Високата европска претставничка Марта Кос на официјално Скопје.
За тоа колку се издржани тезите од македонските власти, дека Македонија ги има речиси сите обврски од Реформскиот план реализирано, дека само останува да се надмине проблемот со Бугарија, и дека ние за релативно кратко време би можеле да ги стигнеме Албанија и Црна Гора, Стојковски вели дека тоа е интересна теза која се провлекува многу долго време.
„И претходната влада зборуваше за некакви слични тези, дека ние сме усогласени во голема мера со Унијата. Но да направиме едно разграничување. Кога зборуваме за Реформската агенда, зборуваме за паралелен процес кој излегува надвор од процесот на преговори и пристапување. Не дека нема да придонесе кон пристапувањето, не дека нема да придонесе за полесно справување со некои од преговорите во некои од поглавјата, меѓутоа не се директно поврзани Реформската агенда и преземените чекори во Реформската агенда со репери за отворања или затворања на одредени поглавја. Тие можат да помогнат, меѓутоа тука не постои најдиректна врска, и ако тие ги завршиме и дека тие ќе речат ова поглавје може веднаш да се отвори или ова поглавје може веднаш да се затвори.
-Колку сме ние успешни во имплементацијата на Реформската агенда, можеме да утврдиме едноставно. На скорбордот на ЕК можеме да погледнеме колку мерки имаме предвидено, колку мерки смета Комисијата дека сме ги исполниле, колку средства сме повлекле. Дури и кај средствата што сме ги повлекле можеме да направиме разлика помеѓу заеми, заеми од инвестицискиот инструмент за Западен Балкан, или пак заеми од други финансиски институции коишто доаѓаат. И можеме да направиме лесна споредба со Албанија и Црна Гора, бидејќи тоа се две држави коишто се наоѓаат исто така во некое понапредно ниво на тој процес. Средствата се одредени според принципот на територија, колку е поголема државата толку поголеми средства и во таа смисла за нас има одредено повеќе средства наспроти Црна Гора и тука е реално да се види дека би имале можеби поголем успех во однос на добиени средства. Или пак според населението. Ние сме поголеми од Црна Гора, помали од Албанија. Но и тој момент ако го гледаме, а знаеме дека Црна Гора треба да почне да го пишува договорот за пристапување, веќе ни е јасно дека они се далеку понапред од целиот процес. Реформската агенда е предвидено да завршува на крајот на 2027-ма година. 2028 година е предвидена како година во којашто Црна Гора би требало да биде членка на ЕУ.
-Во оној момент кога Црна Гора ќе стане членка на Унијата ќе има можност да користи други средства, така што ние не можеме да зборуваме за средства коишто би можеле да ги добиеме, да ги искористиме, и на тој начин да си го помогнеме процесот. Некои имаат пресметано дека имаме усогласеност од 42% со европското законодавство. Тоа е добар процент за почеток на преговори, затоа што можете да кажете дека имате изминато добар дел од патот, и можете да продолжите понатаму. Меѓутоа, нашиот билатерален скрининг се случуваше во периодот 2022-2023 година. Извештаите од билатералниот скрининг се објавени во тој период. Од тогаш до денес ние можеби работиме на хармонизација со европското законодавство, но можеби и не. И бидејќи станува збор за жива материја, постојано се менува, се донесуваат нови правила, нови регулативи, директиви, можеби и не сме повеќе толку усогласени. За да бидам оптимист ќе речам дека постои да се фати чекор, да стигне некаде, но би сакал да бидам малку повеќе реален и да оставам простор дека нема да биде тоа толку брзо како што некои замислуваат, вели Стојковски.
Околу тоа дека и претседателката Силјановска и спикерот Гаши имаа средба со своите бугарски колеги, а од друга страна Румен Радев вели дека нема што ново да си каже со Мицкоски, Стојковски вели дека процесот е условно кажано објективен затоа што постојат Копенхашки критериуми според кој се цени напредокот на секоја држава, меѓутоа тоа е паралелно исклучително политички процес во којшто единствено нешто што може да се гарантира е дека државата може да го диктира темпото на пристапувањето.
„За тоа најдобар пример е Словенија. Во периодот на пристапувањето на Словенија, во крајот на 90-тите, постоеја две групи на држави во пристапувањето. Словенија беше во поназадната, во задоцнетата, втората група на држави, а успеа да стигне да биде членка на ЕУ во 2004-та година со сите останати како една од најдобрите примери, затоа што посветено работеше на пристапувањето и на усогласувањето на законодавството. Ова треба да ни биде мислата водилка – дека ако ние се потрудиме да покажеме успех во реформските процеси, во усогласувањето на законодавството, ако постојано ги завршуваме задачите кои излегуваат од преговорите, внатре во преговорите, не отворањето на првиот кластер туку секое од поглавјата, можеме да диктираме како ќе се движи процесот и може да диктираме колкава поддршка ќе добиваме од страна државите членки, затоа што ќе се покажеме како одличен ученик, кој сака да си ја заврши домашната задача.
-Политички е процесот, така што не можам да гарантирам ниту јас, ниту било кој во Унијата, дека секогаш ќе има консензус за се. Не можам да гарантирам ниту јас, ниту било кој во Унијата, дека во одреден момент некоја држава нема да сака да ја злоупотреби својата позиција. Меѓутоа постојат механизми внатре во Унијата коишто можат да се искористат. Тие би се искористиле многу поедноставно и со многу повеќе волја кај останатите држави членки, ако станува збор за геополитички важна држава, како што е случајот со Украина и ако станува збор за држава која покажува исклучителен напредок. Така што ние само на таков начин можеме да добиеме некаква гаранција. И тогаш гаранција не за консензус, туку гаранција дека ако недостасува консензус, истиот ќе се наоѓа интензивно и ќе се вклучуваат механизмите за притисок внатре во Унијата врз државите членки.
-Дали е ова последно барање не можам да гарантирам. Меѓутоа во преговарачката рамка не стои никакво друго барање коешто треба да го испорачаме, освен да го преведуваме европското законодавство, да ги туркаме преговорите според процесот којшто го предвидува новата методологија. Единствено постои услов за отворањето на првиот кластер, а тоа е уставните амандмани вклучувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот, и на оние други одредби каде што е тоа предвидено.
-Дали има точки коишто можат да предизвикаат чувствителна билатерална дебата? Веројатно има, меѓутоа и тоа можат да го надминат ако постои политика волја и ако дипломатијата ја заврши својата задача. Притоа со ова не мислам дека дипломатите на ја вршат својата задача, туку понекогаш не им е оставен простор за такво нешто, смета Стојковски.
Околу тоа какви гаранции ние бараме од нашите меѓународни партнери, па и од Бугарија, во однос на тоа дека би се согласиле на уставни промени, внесување на Бугарите во преамбулата, но после тоа да нема нови условувања, Стојковски вели дека таква гаранција добивме.
„Имаше изјави од поранешни премиери, и од актуелниот премиер на Бугарија, дека тоа единствениот билатерален услов за почеток на преговорите. Имаше изјава и од актуелната претседателка, вклучувајќи и од претходни министри за надворешни работи, како и од актуелната министерка. Поголема гаранција од тоа не можеме да добиеме. Добивме гаранција којашто вели дека единствено нешто што треба да направиме за да ги почнеме преговорите е измената на Уставот. Ќе се вратам назад – нема гаранција за политички процес и нема гаранција за консензус, но она што ние треба да си го поставиме дома, внатре помеѓу граѓаните и владата, институциите, политичкото раководство на државата е што сакаме со оваа држава. Дали сакаме да продолжиме да се развиваме, каде е развојот којшто ние го бараме.
-Јас пораснав со тоа дека стратешки приоритети на државата се членството во НАТО и членството во ЕУ. И сега после толку години работа, залагање, постојана посветеност на пристапувањето, не гледам зошто би требало да се откажеме. Треба да расчистиме што се оние работи што сакаме да ги гарантираме – јазикот, историското минато или пак иднината. Идентитетот се гради низ грижата за културата, низ грижата за јазикот. Ако ние создаваме се повеќе дела, ако преведуваме се повеќе дела на македонски јазик, ако го промовираме јазикот, литературните дела, културното творештво или пак наследство од државава, тоа е начинот на којшто можеме да го градиме или чуваме нашиот идентитет. Не постои механизам којшто тоа може да ни го гарантира од надвор, ако ние самите не го правиме“, изјави Андреја Стојковски.
Интервјуто погледнете го во видеото