(ВИДЕО) Андоновски: Со Преспанскиот договор не се оспорува јазикот и идентитетот

Секретарот за меѓународна соработка во ВМРО ДПМНЕ вели дека македонскиот пат кон ЕУ ќе започне кога ќе државата ќе биде сигурна дека никој нема да може да не блокира. „Сметам дека мора да имаме чувство на сигурност дека тој процес кога ќе почне и ќе заврши. Сѐ уште постои чувство на оправдан страв дека ако ние влеземе во уставни промени денес, и ги започнеме преговорите утре, со сигурност Бугарија ќе го блокира крајот на нашиот пат кон евроинтеграциите“, вели министерот за дигитална трансформација и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ Стефан Андоновски и додава дека е потребен поттик, или посредништво од ЕУ кај бугарската страна „Имаме отпор од страна на Бугарија воопшто да дискутира за сигурноста на нашето пристапување кон ЕУ, и има изјави од одредени бугарски министерства дека ние сме северномакедонци. -Ние сме Македонци дури и по Договорот од Преспа. Значи дури и Договорот од Преспа не не прекрсти во северномакедонци како луѓе“, смета министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

„Вештачката интелигенција (ВИ) е тука и ќе остане. Не е некој тренд кој ќе може да не одмине, да функционираме без него или да го заобиколиме. На тој бран или ќе треба да се качите или ќе ве поплави. ВИ е развиен феномен кај општествената јавност последните неколку години и почнува да навлегува во сите пори на општественото живеење.

-Ние затоа се одлучивме за системски пристап, за да знаеме на што ги базираме своите активности. Затоа и постои „Везилка“. Ние можевме да се потпреме на некои од големите светски платформи, но тоа ќе значеше откажување од националниот суверенитет во поглед на Вештачката интелигенција. Значи така ќе се откажавме и од јазикот, граматиката, синтаксата и од културните придобивки. Со нашата одлука има многу придобивки, има забрзана администрација, голема база на податоци кои се агрегираат во реално време.

-Но секако има и предизвици, и тука ние не бегаме од нив. Треба да се внимава на заштитата на личните податоци, каде се сместени податоците. Затоа делот на ВИ „Везилка“ ќе биде сместен во Скопје“, изјави за „Трилинг“ министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, говорејќи за Вештачката интелигенција, нејзината примена, предностите, придобивките, како и можноста од нејзините негативни последици.

Осврнувајќи се на фактот дека се почесто се говори за ВИ и нејзината примена, а притоа како држава не сме целосно дигитализирани, министерот вели дека првиот елемент на проектот „Везилка“ подразбира дигитализација на македонскиот јазичен корпус.

„ФИНКИ има разговарано со голем број на институти, НУБ, МАНУ, факултетите, коишто ќе донираат литература која ќе биде целосно дигитализирана, за да служи на македонскиот јазичен корпус во дигиталната сфера, затоа што имаме многу малку дигитализирана литература. Планот на ФИНКИ е да направи и јавна кампања, каде што секој автор дома има документи на македонски јазик, ќе може да ги закачи на таа платформа, со што таа платформа ќе ја храниме со податоци исклучиво на македонски јазик, а потоа со развојот на платформата тоа ќе се преслика и во користењето во пракса“, вели Андоновски и додава дека најмал проблем е техниката, софтверот или хардверот, односно дека најголемиот проблем и предизвик се јавува во промената на однесувањето  на јавната администрација.

„Додека се променат правилници, додека се појави желба кај администрацијата и водството во секоја институција, односно да се променат работите, до тогаш ќе каскаме“, вели министерот.

Прашан дали со Вештачката интелигенција и дигитализацијата имаме потреба од голема јавна администрација Андоновски вели дека има држави кои целосно се дигитализирале, или пак за 20% ја имаат намалено администрацијата, но има држави коишто останале на исто ниво.

„Тоа значи дека ја искористиле таа администрација за поефикасно работење во некој друг дел, друг сектор. Кај мене во министерството постоеше страв дека ако се дигитализира архивата, нема да има работа за архиварите. Сега истите луѓе кои работат во нашата архива им помагаат на другите министерства да се дигитализираат. Значи луѓето кои ќе развиваат дополнителни вештини не треба да се плашат дека би го изгубиле своето работно место“, вели Андоновски.

Министерот вели дека во ИКТ секторот се забележува раст, кој сепак е намален.

„Постои некој вид на стагнација во приватниот сектор. Решението коешто јас сметам дека треба да го бараме е во специјализирање во сајбер безбедност и специјализирање на паметно користење на ВИ“, изјави Андоновски.

Околу политичкиот дел, каде уставните измени се дел од започнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ, Андовски вели дека тој пат ќе започне кога државата ќе биде сигурна дека никој нема да може да не блокира.

„Сметам дека мора да имаме чувство на сигурност дека тој процес кога ќе почне и ќе заврши. Сѐ уште постои чувство на оправдан страв дека ако ние влеземе во уставни промени денес, и ги започнеме преговорите утре, со сигурност Бугарија ќе го блокира крајот на нашиот пат кон евроинтеграциите“, вели Андоновски и додава дека е потребен поттик, или посредништво од ЕУ кај бугарската страна за да седне на масата и да разговара.

„Имаме отпор од страна на Бугарија воопшто да дискутира за сигурноста на нашето пристапување кон ЕУ, и има изјави од одредени бугарски министерства дека ние сме северномакедонци.

-Ние сме Македонци дури и по Договорот од Преспа. Значи дури и Договорот од Преспа не не прекрсти во северномакедонци како луѓе“, смета министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Целото интервју погледнете го во видеото.