Вештачење за „Пулс“: Од 2012 до 2025 не е извршена инспекциска контрола во дискотеката од страна на инспектор за противпожарна заштита

Колку што ни е нам познато, од 2012 до 2025 година не е извршена инспекциска контрола во дискотеката „Пулс“ од страна на инспектор за противпожарна заштита. Вака денеска одговори вештото лице Викторија Будимовска Секуловска во судницата во Идризово, каде продолжи судската расправа за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани.

Колку што ни е нам познато, од 2012 до 2025 година не е извршена инспекциска контрола во дискотеката „Пулс“ од страна на инспектор за противпожарна заштита. Вака денеска одговори вештото лице Викторија Будимовска Секуловска во судницата во Идризово, каде продолжи судската расправа за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани.

Денешната расправа продолжи со доказна постапка, со вкрстени прашања од страна на одбраната, спрема вештите лица. Одговарајќи на прашања, Будимовска Секуловска одговори дека со вештачењето, утврдила дека во внатрешноста на објектот, бил истакнат само еден план за евакуација. Главната влезно-излезна врата не била противпожарна.

– Сè што спаѓа во противпожарна врата, значи паник-рачка и кочење во систем за кочење во отворена положба и самата огноотпорност на вратата, сето тоа не е исполнето на таа врата – одговори таа на едно од прашањата.

На прашања одговараше и вештото лице Маријана Лазаревска, која во претходен исказ направи детална елаборација на сите изведени зафати во критичниот објект, а како што кажа, во функција на негова пренамена.

– Иако беше повторувано дека не е наше да утврдуваме причина за пожар, меѓутоа можам да го споделам мојот личен став во однос на тоа, дека ценевме иницијалниот извор на пожарот да се прскалките. Меѓутоа, можноста да се запали нешто во конкретниот случај, во конкретниот објект, припаѓа на сунѓерот. Значи, тука имаме директна поврзаност – истакна таа во судницата.

Според неа, тоа е нешто што му помага да се прошири, да гори, прво да се запали, па да гори, да се рашири пожарот.

– Иако зборував и јас и колегите, пожарот е една непогода којашто е вклучена во нашите пресметки, проектантски и анализи. Пожарот е непогода којашто не можеме да предвидиме кога ќе се случи, од кои причини ќе се случи, меѓутоа кога се проектира, работиме со третман дека сигурно во објектот има пожар. Не навлегуваме во причината, не можеме да влијаеме на причините, барем не секогаш. Затоа и мојот коментар е во тој контекст – дека ние го проектираме објектот да биде безбеден во услови на пожар, исто како што треба да биде безбеден во услови на земјотрес итн – подвлече Лазаревска.

Сè што е во нашето вештачење, додаде, не е базирано на еден изолиран документ, туку на целокупната документација.

Ниту еден утврден факт во нашето вештачење не се базира на еден изолиран документ, ниту на претпоставки, ниту на превид во некои околности. Не го утврдивме сунѓерот од фотографија. Фотографијата ја приложуваме за вие да видите каде е поставен и како изгледа – рече таа како вешто лице, одговарајќи на прашањата.

Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од повеќе обвинители.

– Јас мислам дека на ова прашање веќе и претходниот пат, и тоа од професорот Марковски е одговорено, дека со самото тоа што објектот понатаму е користен, нели, како кабаре, како дискотека и така натаму, требало дополнително осветлување и дека сигурно е вршена некоја интервенција во електричната мрежа. Мислам дека тоа е веќе одговорено. Судот донесе решение, не се дозволува, веќе е одговорено од страна на вештите лица, дека и од сликите кои беа прикажани, а и од пренамената на објектот како кабаре, било потребно дополнително осветлување, што секако претпоставува и зголемување на електричната инсталација – рече судијката, во однос на едно од прашањата.

Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распит на вештите лица кои го изработиле, треба да заврши изведувањето докази од Обвинителството, по што одбраната треба да почне со изведување докази.

По пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.