
Божиновска: Ветерниот парк во Штип ги надминува границите на проект и инвестиција
Енергетската иднина денес нема да ја чекаме, туку ќе ја градиме со знаење, со партнерство и со работа што остава трајни резултати, порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на настанот за реализација на инвестицијата на „Алказар енерџи“ во изградба на ветерен парк во Штип.
Енергетската иднина денес нема да ја чекаме, туку ќе ја градиме со знаење, со партнерство и со работа што остава трајни резултати – порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на настанот за реализација на инвестицијата на „Алказар енерџи“ во изградба на ветерен парк во Штип.
Според најавите, ветерниот парк, за чија прва фаза се заокружи финансиската конструција во износ од 180 милиони евра, треба да биде готов за три години. Вкупната инвестиција е речиси половина милијарда долари, очекуваното производство еден терават-час електрична енергија од обновливи извори, а ќе овозможи 300 работни места.
Божиновска нагласи дека енергетската независност не се прогласува и оти таа се гради – со нови производствени капацитети, одговорни инвестиции, знаење и институции што имат јасни насоки.
– Затоа ветерниот парк во Штип има значење што ги надминува границите на еден проект и на една инвестиција. Нашата задача е ваквите капацитети да ги поврземе со поширока цел – поголема сигурност во снабдувањето, посилна економија и помала изложеност на надворешни енергетски потреси. Не смееме енергетската иднина на Македонија да ја оставиме само на условите што ги создаваат другите, мораме да ја градиме со капацитетите што ги создаваме тука. Токму во тоа е и улогата на Министерството за енергетика. Нашата институционална поддршка за ветерниот парк е дел од определбата да поддржуваме инвестиции во обновливи извори со предвидливи правила и со долгорочна развојна насока – рече Божиновска.
Како што наведе таа, на сериозните инвеститори треба да им се обезбедат јасни правила, професионален однос и ефикасно работење во рамките на институциите.
Ќе се залагаме за поефикасни постапки, но не и за пониски стандарди. Ќе ги поттикнуваме инвестициите, но ќе инсистираме тие да бидат одговорни кон просторот, животната средина и локалните заедници – порача Божиновска.