Андоновски најави можна инвестиција во дата центар вредна 500 милиони долари

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска истакна дека Владата паралелно работи на привлекување приватни инвестиции во центри за податоци и на изградба на национален податочен центар за потребите на државните институции оценувајќи дека станува збор за проекти што може да придонесат за економски развој и зајакнување на дигиталната инфраструктура.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска истакна дека Владата паралелно работи на привлекување приватни инвестиции во центри за податоци и на изградба на национален податочен центар за потребите на државните институции оценувајќи дека станува збор за проекти што може да придонесат за економски развој и зајакнување на дигиталната инфраструктура.

– Активно работиме во две области: едната е привлекување приватни инвестиции во центрите за податоци, а втората е изградба на национален податочен центар – рече Андоновски.

Одговарајќи на пратеничко прашање, тој нагласи дека за приватните дата-центри целта е привлекување странски капитал, изградба на инфраструктура и отворање високоплатени работни места.

– Македонија има можност да учествува во овој инвестициски циклус и за нашата економија е исклучително важно да го фати овој бран заради диверзификација на економијата, високоплатени работни места, споделување знаење, нов инвестициски бран и подигнување на економијата на новото време – истакна министерот.

Според него, веќе постои интерес за развој на големи капацитети во државата, а еден од разгледуваните проекти предвидува инвестиција од најмалку 100 милиони американски долари во првата фаза и можен вкупен износ над 500 милиони долари.

Андоновски оцени дека придобивките од ваквите проекти не се ограничени само на директните работни места, туку и на ангажманот на домашни компании и на развојот на ИКТ-секторот.

– Прашањето не е само колку сервери ќе донесе или колку мегавати ќе користи. Прашањето е колку капитал, колку работни места, знаење и економска активност ќе останат во Македонија – рече Андоновски.

Во однос на забелешките од опозицијата поврзани со потрошувачката на енергија и вода, министерот истакна дека нема да има пренасочување на струјата наменета за домаќинствата кон приватните дата-центри.

– Дали ќе се пренасочи струјата наменета за домаќинствата кон приватните дата-центри? Не. Приватните инвеститори мора да ги обезбедат своите енергетски потреби преку соодветни договори, приклучоци и законски постапки, а цената на струјата е пазарна и никој нема да ја субвенционира. Не зборуваме за тоа некој да добие привилегирано право врз електричната енергија што им е потребна на домаќинствата. Принципот е големите приватни инвестиции да не создаваат неоправдан дополнителен товар за граѓаните – рече Андоновски.

Тој демантира дека е одобрен проект со кој се доделени 100 мегавати електрична енергија или право на користење вода од Вардар за приватен центар за податоци.

– Нема одобрен проект со кој се доделени тие права, а нема ни побарано таков проект. И претходно јавно го разјаснив прашањето: ниту е издадена дозвола ниту е потпишан договор за изградба на дата-центар од 100 мегавати, кој би користел вода од реката Вардар. Секој потенцијален проект мора да ги помине сите соодветни технички, водостопански, еколошки и други законски постапки и тие постапки ќе ги почитуваме за секоја инвестиција – потенцира министерот.

Андоновски негира дека ќе се сечат шуми за изградба на националниот податочен центар бидејќи, како што нагласи, потенцијалната локација е на неискористено државно земјиште во близина на технолошко-индустриската зона кај Скопје.

– Локацијата е разгледувана поради близината до електроенергетската инфраструктура, патната и оптичката инфраструктура, а не поради потреба од расчистување на шумски површини. Истото важи и за приватните инвестиции во центрите за податоци. Кај приватните проекти, секоја предложена локација дополнително ќе мора посебно да се оценува и нема однапред да се претпоставува дека секоја локација е соодветна само затоа што постои инвеститорски интерес. И дали ќе дозволиме инвестиција што го загрозува водоснабдувањето на граѓаните? Ова е услов под кој ние нема да одобриме ниеден проект. За секоја конкретна инвестиција мора да се утврди од каде ќе се обезбеди евентуалното користење вода, колку ќе се користи таа вода и каква технологија за ладење ќе биде применета. Постојат модерни, современи решенија за ладење без потрошувачка на вода или со мало користење и реискористување на водата, но технологијата мора да се избере според условите на конкретната локација и да ги исполни потребните законски и еколошки стандарди. Економскиот развој и заштитата на ресурсите не треба да се поставуваат како спротивставени цели. Проектот треба да покаже дека може да ги исполни и двете – рече министерот за дигитална трансформација.

Говорејќи за националниот податочен центар, тој истакна дека тој е планиран како инфраструктура за државните информатички системи и оти ќе биде со инсталирана моќност под еден мегават.

– Со ова очекуваме подобра заштита на државните системи, посигурно функционирање на електронските услуги и поефикасно управување со инфраструктурните ресурси – рече Андоновски.

Според министерот, за проектот е изработена студија за изводливост, утврдена е потенцијална локација и се работи на финансискиот модел, а преку планот за раст на Европската Унија се обезбедени 20 милиони евра, од кои 30 проценти се грант-средства.

– Приватните центри за податоци претставуваат токму таква можност – нови капитални инвестиции, работа на домашни компании, специјализирани работни места и развој на ИКТ-индустријата. Тие треба да донесат нов капитал и нови можности за македонската економија – истакна Андоновски.

Андоновски изјави дека повеќе европски држави инвестираат значителни средства во дата-центри и инфраструктура за вештачка интелигенција посочувајќи дека станува збор за стратешки сектор, кој носи економски развој и нови работни места.

– Кратко ќе споменам компаративно каква е состојбата во Европа. Во Германија се најавени инвестиции од 5,6 милијарди евра на групацијата „Шварц“ и 5,5 милијарди евра од „Гугл“, а во Франција се планирани инвестиции од 45 милијарди евра во дата-центри. Словенија реализира проект вреден 145 милиони евра за ВИ-фабриката SLAIF во близина на Марибор, а во Бугарија се подготвува проект од три милијарди евра за центар за податоци и вештачка интелигенција. Со овие примери Европа интензивно инвестира во дигитална инфраструктура и капацитети за вештачка интелигенција, тренд во кој треба да се вклучи и Македонија – рече министерот Стефан Андоновски.