
Алта банка Битола работела со загуба од 800.000 евра: Која домашна банка ќе успее да ги преземе акциите на Мацура?
Откако Алта банка АД Битола одлучи да ги затвори експозитурите на определено време по мерката на Народната банка за преземање со управувањето со банката, сопствениците на дебитните и кредитните картички не можат да си извадат пари од банкоматите затоа што им пишува „надминат лимит“.
Откако Алта банка АД Битола одлучи да ги затвори експозитурите на определено време по мерката на Народната банка за преземање со управувањето со банката, сопствениците на дебитните и кредитните картички не можат да си извадат пари од банкоматите затоа што им пишува „надминат лимит“.
Граѓаните се во неизвесност откако НБРМ воведе мерка за ограничено користење на парите на сметките до 10.000 денари неделно за граѓани, а за фирмите овозможи само трансфер на пари од една во друга сметка во Алта банка АД Битола, не кон другите банки.
Според последниот неревидиран финансиски извештај за билансот на Алта банка АД Битола објавен на Македонската берза вели дека за период од 01 јануари до 30 септември, банката ги завршила првите девет месеци од 2026 година со загуба од околу 791 илјада евра.
Во истиот период лани имала добивка од околу 799 илјади евра, е наведено во документот за билансот на успех, со што за една година, резултатот се влошил за приближно 1,6 милиони евра.
Споредбата со минатата година се однесува на дел од годината во кој оваа банка се викаше Стопанска банка Битола и беше во сопственост на неколку македонски фирми меѓу кои „Пелистерка“ и „Тимох“. Продажбата се случи во септември 2025 кога Алта Банка Белград ја презеде во целост.

Според билансот на состојба, на 30 септември 2026 година АЛТА банка Битола имала околу 144,80 милиони евра депозити од клиенти, граѓани, компании и други небанкарски клиенти.
На крајот од 2025 година тие изнесувале околу 146,19 милиони евра, што значи намалување за 1,39 милиони евра, или околу 1%, во првите девет месеци.
Банката го објаснува негативниот резултат со вложувања во вработени, деловна инфраструктура и развој. Во извештајот е наведено дека очекувала тие вложувања да донесат подобри резултати во иднина. Инаку, Алта Банка од Белград поседува 95,17% од вкупниот број на акции во Алта банка АД Битола.
Според извори запознаени со состојбите во финансискиот сектор, се анализираат различни сценарија за обезбедување на стабилноста на АЛТА банка Битола. Едно од нив е преземање од страна на домашна банка, што, доколку се реализира со почитување на законските процедури и регулаторните услови, би можело да обезбеди континуитет во работењето и дополнителна заштита на интересите на клиентите и депонентите.
Засега нема официјална потврда дека е постигнат конкретен договор или дека е започната постапка за преземање на банката. „Фактор“ испратил прашање до раководството на Народната банка и очекува одговор.
Случајот доаѓа по одлуката на Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на АЛТА банка АД Белград. Српскиот регулатор најави дека со судска одлука Агенцијата за осигурување на депозити ќе биде назначена за стечаен управник.
АЛТА банка АД Битола, по одлуката во Србија, соопшти дека е самостојно правно лице, регистрирано во Северна Македонија, кое работи согласно домашната законска регулатива и е под непосреден супервизорски надзор на Народната банка.