
Александра Радевска си заминува од Управниот одбор на АЛТА банка
АЛТА банка АД Битола соопшти промена во составот на органите на управување, откако претседателката и членка на Управниот одбор, Александра Радевска, поднела оставка од функцијата.
АЛТА банка АД Битола соопшти промена во составот на органите на управување, откако претседателката и членка на Управниот одбор, Александра Радевска, поднела оставка од функцијата.
Како што информираат од банката преку Македонска берза, Радевска на 31 август 2026 година доставила писмена оставка до Надзорниот одбор, со која се повлекува од функцијата претседател и член на Управниот одбор.
Од АЛТА банка наведуваат дека Радевска ќе продолжи да ја извршува функцијата претседател и член на Управниот одбор до 30 септември 2026 година.
Управниот одбор на Алта Банка Битола го сочинуваат тројца членови, од кои еден е претседател. Александра Радевска во јануари годинава доби продолжување на мандатот претседател на Управниот одбор на Стопанска банка Битола. Одлуката на Надзорниот одбор за нејзинот реизбор доби и потврда со согласноста дадена од Народната банка.
Радевска, во Управниот одбор членуваше од јуни 2023, а на претседателската позиција првпат беше именувана во ноeмври истата година. Со Стопанска банка Битола професионално е поврзана 12 години, од кои една деценија била дел од Надзорниот одбор, а од 2019 е и во Одборот за ревизија.
По завршувањето на формалниот дел од образованието, во периодот од март 2003 до јуни 2003 година работи на позицијата асистент за ревизија во Друштвото за ревизија „Б и Љ Ревизија“ ДОО Скопје, компанија во која косопственик бил Борислав Атанасовски кој сега е член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола.
Во биографијата на Радевска пишува дека во периодот од март 2012 година до март 2019 година работи на позиција раководител на Сектор за ревизија во „Орка холдинг“ АД Скопје. Од март 2019 година ја извршува функцијата директор на Сектор за финансии и сметководствени работи во „Орка холдинг“ АД Скопје.
Нејзиното име и имињата на останатите членови на менаџментот на АЛТА банка АД Битола беа предмет на критика од политичката опозиција која обвини дека во менаџерски и надзорни позиции во банката се појавуваат лица со политички и бизнис врски од домашниот политички контекст, па побараа институциите да отворат истрага за преземањето и за потеклото на капиталот.
Обвинувањата дојдоа откако Алта Банка од Белград веќе успешно го заврши преземањето и ја ребрендираше Стопанска Банка АД Битола во Алта Банка Битола, но задржа дел од имињата во Управниот и надзорниот одбор, како и во менаџерскиот тим.
Менаџерскиот тим го сочинуваат: Елена Таховска, Наталија Мицковска, Наташа Савова, Наталија Михајлоска, Марјан Закев, Златко Бежоски, Драган Иванов, Даниела Ѓоршевска и Маријана Мартиновска.
Марјан Закев, член на менаџерскиот тим, кој во минатото бил сопственик и управител на фирма поврзана со офшор-структури и бизнис кругови блиски до Мијалков и Камчев, како и со предметот „Империја“.
Наташа Савова е директор за маркетинг во Алта банка Битола. Таа е блиска соработничка на контроверзниот бизнисмен и поранешен акционер во Стопанска банка АД Битола, Орце Камчев.
Во моментов Надзорниот одбор на Алта банка АД Битола го сочинуваат: д-р Давор Мацура, д-р Уна Сикимиќ, Татјана Куљак, д-р Вељко Миљушковиќ
и д-р Горан Коевски.