
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) реагираше на ставовите изнесени од Петар Богојески, претседател на партијата „Македонски концепт“, во емисијата „Под лупа“, емитувана на ТВ Алфа на 2 ноември 2026 година.
По извршениот увид во емисијата, во која се дебатираше за семејното насилство, разводите и традиционалните вредности, Агенцијата оцени дека новинарката која ја водела дискусијата постапувала во согласност со професионалните новинарски стандарди, поставувајќи релевантни прашања и барајќи дополнителни објаснувања за изнесените тврдења.
Истовремено, АВМУ остро ги осуди ставовите на Богојески, оценувајќи дека со нив се релативизира и оправдува насилството врз жените и децата, се промовира нивната подредена положба и се прави обид ваквите сфаќања да се прикажат како традиционални вредности.
Од Агенцијата нагласуваат дека насилството, понижувањето и нееднаквоста не можат да бидат оправдани под никаков изговор, ниту претставени како дел од семејните вредности.
Особено е неприфатливо, посочуваат од АВМУ, физичкото насилство врз децата да се прикажува како дозволен начин на воспитување, а насилството врз жените како вообичаен дел од семејните односи.
Агенцијата потсетува дека секој учесник во јавна дебата, особено јавните личности, има лична одговорност за пораките што ги испраќа до јавноста, додека медиумите имаат обврска критички да ги преиспитуваат изнесените ставови и да овозможат аргументирана дискусија.