MОН: Неработните денови за изборите учениците ќе ги одработат во саботите на 18 мај и 1 јуни

Министерството за образование и наука со допис ги известило училиштата дека двете среди (24 април и 8 мај) кога нема да работат поради одржување на изборите, треба да ги одработат во две саботи (18 мај и 1 јуни).

МОН во дописот со вчерашен датум им укажало дека треба да се исполни одредбата од законот според која учебната година трае 180 наставни денови.

Министерството за образование и наука вчера за медиумите соопшти дека наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта и дека учебната година нема да биде продолжена, односно ќе заврши согласно утврдените календари – на 10 јуни за средношколците и на 17 јуни за основците, но не информираше дека неработните денови ќе бидат одработени во саботи.