Владимир Путин, во својот говор во Кремљ на церемонијата на полагање на претседателската заклетва и почетокот на неговиот петти мандат на чело на државата, им порача на Русите дека заедно ќе „победат“ и ќе излезат уште „посилни“ од „овој тежок период“, среде војната во Украина.
„Ние сме една голема и обединета нација и заедно ќе ги надминеме сите пречки. Заедно ќе победиме“, рече Путин пред околу 2.500 луѓе, вклучувајќи ја политичката елита и борците кои учествуваат на бојното поле во Украина.
„Достоинствено ќе го поминеме овој тежок период и ќе станеме уште посилни“, рече Путин, додавајќи дека „со самодоверба гледа напред“.
Тој исто така рече дека Русија сама ќе одлучува за својата судбина. „Ние сами ќе одлучуваме за судбината на Русија, исклучиво сами, за подобрување на сегашните и идните генерации“, рече Путин во говорот што го пренесуваат сите државни телевизиски канали.
Рускиот претседател го оцени разговорот со Западот за „прашањата за безбедноста и стратешката стабилност“ како „можен“, но „само на рамноправна основа, почитувајќи ги заемните интереси“. Задачата уште еднаш да ја води земјата со повеќе од 140 милиони луѓе, ја нарече „света“.
„Тоа е голема чест, одговорност и света задача“, рече Путин во говорот под позлатените куполи на салата Андреевски во Кремљ пред да се упати кон една од катедралите во близина на големата палата.
Путин, кој владее со Русија повеќе од четвртина век и положи заклетва за нов шестгодишен мандат, ќе може да остане на власт најмалку до 2030 година. САД и многу членки на ЕУ ја бојкотираа церемонијата поради војната во Украина.