ДИК: Тече гласањето за затворениците, болните лица и дијаспората

Во Македонија денеска, 7 мај, во тек е гласањето на болните и немоќни лица, затворениците, лицата сместени во установите за вонсемејна грижа, внатрешно раселените и оние од дијаспората, информираат од Државната изборна комисија (ДИК).

Според информациите на ДИК, право на глас денеска имаат вкупно 11.095 болни за вториот круг претседателски избори, додека за парламентарните избори денеска можат да гласаат вкупно 11.197 болни и немоќни лица.

Исто така, своето право на глас за претседателските избори денеска го остваруваат вкупно 2.147 затвореници, односно 2.140 затвореници.

„Вкупно 534 лица сместени во установите за вонсемејна грижа своето право на глас може да го остварат во вкупно 20 центри за претседателските и парламентарните избори, како и двајца пријавени гласачи евидентирани како внатрешно раселени лица имаат право да гласаат на двата вида избори“, се вели во денешното соопштение од ДИК.

Исто така во 7:00 часот во зависност од временската зона, гласањето започна и во дипломатско конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии во странство каде се гласа само за претседателски избори.

Во дијаспората своето право на глас може да го остварат 2.569 избирачи, во 31 Дипломатски конзуларни претставништва или Конзуларни канцеларии.