Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ и непринципиелните коалиции. За разлика од субјектите како ЗНАМ, кои се човек-партија, СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени, се вели во одговорот на социјалдемократите на вчерашната понуда на ЗНАМ.
Вчера Максим Димитриевски, претседателот на ЗНАМ рече дека единствен услов за евентуална соработка со СДСМ е оставка на раководството на партијата во рок од 24 часа, а носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати.
„Нас не водат социјалдемократските вредности, борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија. Не се откажуваме од тоа, СДСМ е цврста и силна партија. Ќе продолжиме да се бориме за овие вредности.цСДСМ е единствената партија наследник на НОБ, на АСНОМ. Не прифаќаме условувања од било кого, СДСМ со никого нема да прави политички дилови. Ова е прашање на иднината на државата и со неа нема тргување“, соопшти денеска СДСМ.
Вчера на Димитриевски му одговори и Димитар Ковачевски, претседателот на СДСМ:
„Партиското раководство го бираат членовите на СДСМ кои се наследници и на НОБ, АСНОМ и на Киро Глигоров, а не вазали кои се предале и отишле да шуруваат со наследниците на Ванчо Михајлов. СДСМ е едиствената партија наследник на Сојузот на комунисти на Македонија, на Народноослободителната борба, наследник на независната Македонија и Киро Глигоров. За разлика од субјектите како ЗНАМ кои се човек-партија, СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени. Нас нè водат социјалдеморкатските вредности. Борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија и не се откажуваме од тоа“, одговори Ковачевски на вчерашниот митинг во скопската општина Аеродром.