Шпанскиот премиер Педро Санчез утре ќе соопшти дали ќе поднесе оставка поради наводите за корупција и вршење влијание врз неговата сопруга Бегоња Гомез. Истрагата против Бегоња Гомез уследи по жалбата на антикорупциската група Манос Лимпијас (Чисти раце), која има врски со крајната десница, пишува Гардијан.
Групата тврдеше дека Бегоња Гомез го искористила своето влијание како сопруга на премиерот за наводно да обезбеди спонзори за магистерски курс на универзитетот што го водеше.
Санчез нагласи дека неговата сопруга ќе соработува со властите, а за обвинувањата против неа ги обвини „десничарските и крајно десничарските“ партии и медиумите.
Шпанските медиуми објавија аудио снимки и транскрипти од состанокот во 2014 година меѓу министерот на конзервативната Народна партија (ПП) и Хозе Мануел Виљареј, поранешен полициски инспектор обвинет за шпионирање и за дискредитација на некои од шпанските политичари.
На снимките двајцата разговараат за плановите да го шпионираат таткото на Бегоња Гомез со цел „политички да го убијат Санчез“.
Околу 10.000 поддржувачи на Санчез се собраа во Мадрид за да му покажат поддршка на премиерот и да побараат од него да не поднесе оставка.
Гласачите на Социјалистичката работничка партија (ПСОЕ) на Санчез носеа транспаренти „Педро, не се откажувај“ и „Демократија да, фашизам не“, пренесува Ефе.