На 8-ми мај одлучуваме за иднината на државата, ве повикувам убаво да размислите кому ќе ја дадете довербата да ја води државата, порача од општина Центар лицерот на СДСМ Димитар Ковачевски.
„Убаво размислете која партија како ја водеше државата кога имаше можност да биде власт. Потсетете се кој управуваше со државата, а кој владееше авторитарно! Кој носеше тешки, но позитивни одлуки за нашата иднина, а кој се коцкаше со иднината за личен интерес. Предолго седевме во чекалната на ЕУ. Не е доцна да потврдиме дека Македонија сака да биде дел од европското семејство. Откажувањето не е опција ниту за нас ниту за државата“ повика тој.
Ковачевски истакна дека ако десно ориентирана партија добие преголема моќ тоа може да ги загрози европските перспективи на државата.
„Ако десничарска партија добие преголема моќ, може да се соочиме со она што го гледавме цели 11 години. Тоа ќе стави прво крај на нашите ЕУ перспективи, крај на независните медиуми и на независното судство. Ќе стави крај и на добрите меѓуетнички односи. Ќе стави крај на една демократска држава во која денес секој може слободно да го каже своето мислење“ посочи лидерот на СДСМ, Ковачевски.