Интер славеше во дерби „дела Мадонина“ и го освои 20-тото „Скудето“
Интер ја слави 20-та титула првак во Италија по синоќешната победа над големиот ривал Милан (2:1) во историското дерби „дела Мадонина“, на „Сан Сиро“.
На пет натпревари до крајот Интер има 86 бода, 17 повеќе од второпласираниот Милан. За првпат во 116-та историја на миланското дерби титулата во Серија А беше „заверена“ на овој меч.
– Ми доаѓа да плачам затоа што толку напорно работевме, толку многу страдавме и ја заслужуваме оваа радост. Титулата ја посветувам на моето семејство во Аргентина, на моите деца, на моите соиграчи и на сите навивачи. Во фудбалот може да се победи и да се изгуби, но јас сум двојно среќен. Им кажав на момците дека сме во ситуација каква што досега не се случила, дека мораме максимално да ја искористиме можноста да победиме и да ја освоиме титулата против Милан – изјави капитенот Лаутаро Мартинез, кој сезонава постигна 25 гола во сите натпреварувања, од кои 23 во Серија А.
Интер со 20-то „скудето“, второ по 2010 година, претходното освоено во 2021 година под водство на Антонио Конте, го мина Милан кој има освоено 19 титули во Серија.
Поуспешен е само Јувентус со 36 титули!