Украинскиот претседател – Володимир Зеленски вети обнова на сите домови кои се уништени во руската инвазија врз земјата. Тој рано утринава истакна дека веќе се работи на план за реконструкција и уверен е во способноста на земјата за брза обнова.
Во изјавата рече дека вчера не функционирале хуманитарните коридори отворени за евакуација на цивилното население. За тоа ја обвини руската страна која, како што рече, не престанала со огнот.
„Светот мора официјално да утврди дека Русија стана терористичка држава. Моите приоритети во преговорите се целосно јасни: крај на војната, безбедносни гаранции, суверенитет, враќање на територијалниот интегритет, реални гаранции и вистинска заштита на нашата земја“ – рече Зеленски.
Зеленски истакна дека жителите на опколениот град Мариупол, кои успеале да пристигнат до блискиот град Бердјанск, се префрлени во Запорожје.
Градоначалникот на Маирупол, Вадим Боиченко изјави дека немало прекин на огнот, но оти биле пропуштани патничките возила.
Според Зеленски, за последните 24 часа повеќе од 6 илјади жители на Мариупол го напуштиле градот вклучително и 2 илјади деца, но некои од нив биле изложени на руски оган во областа Запорожје.