Во Украина 43 напади врз болници, алармира СЗО

Здравствени установи се повеќе стануваат мета во војната – предупреди Светската здравствена организација (СЗО), нагласувајќи дека украинскиот здравствен систем функционира, но му треба поддршка. СЗО потврди 43 напади врз болници и здравствени установи во Украина.

Извршниот директор на СЗО за итни здравствени програми – Мајк Рајан ги нарече ваквите напади „неприфатливи“, кои станаа „воени стратегии и тактики“.

„Здравствениот систем во Украина функционира одлично, но му треба поддршка, треба да му се дадат основни алатки за спасување животи“ – рече Рајан.

Тој исто така изјави дека тоа се напади врз „најфундаменталните човекови права“ и дека тоа е повеќе од уништување згради, „тоа е уништување на надежта“.