Комисијата за прашањата на избори и именувања доби нов претседател, член и заменици
Во рамки на 66-тата собраниска седница, денеска беше избрана Марија Георгиевска, пратеник од СДСМ за претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
За член на Комисијата беше избран пратеникот Дарко Каевски од СДСМ, а за заменик член Хусни Исмаили од Алтернатива.
За заменик член на оваа Комисија беше избран и Елми Азири од Алијанса за Албанците.
„Врз основа на бројот на пратениците во составот на оваа Комисија СДСМ и Коалицијата учествува со пет пратеници, ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата со пет, ДУИ со два, и Алијанса за Албанците со еден пратеник, со што, како што се нагласува е пополнет составот на Комисијата“ – се вели во образложените на донесената Одлука.
Георгиевска беше избрана на местото на пратеникот Костадин Костадинов кој беше претседател на Комисијата и кому му престана пратеничкиот мандат заради избор на градоначалничка функција, што беше констатирано на седница на Собрание на 5 ноември 2021 година.
Од функцијата член на оваа Комисија претходно на седница одржана на 3 март годинава беше разрешен пратеникот Фадил Зендели, поради што мнозинството на негово место го предложи, а Собранието го избра пратеникот Дарко Каевски од СДСМ и Коалицијата.