Македонската министерка за одбрана – Славјанка Петровска денеска учествуваше на вонредниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, на кој главни теми за дискусија беа руската инвазија на Украина и нејзиното влијание врз европската безбедносна инфраструктура, како и зајакнувањето на одвраќањето и одбраната на НАТО членките.
„Од вонредниот состанок на НАТО министрите за одбрана, Алијансата испраќа три клучни пораки – дека светот се обединува во осудата на војната во Украина, дека НАТО продолжува со поддршката за Украина во нивната одбрана со помош за украинскиот народ и за сите бегалци, и дека клучната задача на НАТО е одвраќање и одбрана на сојузниците и за таа цел се распоредени дополнителни НАТО сили долж источниот дел на Алијансата“ – изјави Петровска по состанокот на НАТО.
Министрите за одбрана на НАТО ја потврдиле силната осуда за непровоцираниот и неоправданиот вооружен напад на Русија врз Украина и врз меѓународниот поредок. Била изразена силна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина како и побарување за повлекување на сите вооружени формации од Русија и воспоставување на мирот.