За случувањата на Блискиот Исток, недвосмислената осуда на нападот врз Израел од Иран ќе биде придружена со повик од сите членки на Европскиот совет да направиме сè што е во наши раце за да се смири оваа криза, да не се прошири и да не добие карактеристики на регионален конфликт, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при пристигнувањето на вонредниот Самит на ЕУ во Брисел.
Мицотакис изрази задоволство што на Самитот ќе се разговара и за ситуацијата во Либан, „која директно влијае и на Кипар, бидејќи има значителни бегалски бранови од Либан кон Кипар“.
-Ги поддржуваме напорите на Република Кипар за да се запрат овие бранови, но во исто време да можеме и на Либан да му ја обезбедиме поддршката што му е толку потребна, за оваа земја, која многу има поминато, да може конечно да се стабилизира, порача Мицотакис.
Дополнително, рече дека ќе стане збор и за односите меѓу Европската унија и Турција и изрази задоволство за донесените заклучоци, „кои го препознаваат фактот дека односите меѓу ЕУ и Турција можат да напредуваат, но секогаш во рамките на одлуките на Европскиот совет кои се донесени во последните години“, но и задоволство што „напредокот на евро-турските односи се поврзува со напредокот што може да се постигне за кипарското прашање“.