Селекторот Милевски: Во Италија не одиме како туристи, одиме на победа!

Благоја Милевски – селекторот на македонската фудбалска репрезентација е оптимист пред гостувањето во Палермо, кај Италија во полуфиналето од плејофот за пласман на Светското првенство 2022 во Катар.

„Ќе покажеме дека не сме случајно помеѓу најдобрите 20 фудбалски селекции на континентот. Ме радува фактот што сите репрезентативци се стандардни во своите тимови. Јас воопшто не се оптоварувам со тоа во каков состав ќе настапи нашиот противник, бидејќи за секоја позиција имаат по 4-5 врвни фудбалери. Во Италија не одиме како туристи, туку одиме на победа“ – рече Милевски на денешната прес-конференција.

Тој најави офанзивна игра.

„На сите наши натпревари од моето доаѓање на селекторското место игравме офанзивно, така ќе биде и на овој меч. Мојот тим не е учен да игра подредено во дефанзива. Ќе се обидеме да ја играме нашата игра“ рече Милевски.

Натпреварот ќе се игра на 24 март во Палермо. Победникот од овој дуел, во финалето ќе се соочи со поуспешниот од пресметката Португалија – Турција.

На списокот на селекторот Милевски се наоѓаат 27 фудбалери:

Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Кристијан Наумовски (Шкупи);

Одбрана: Стефан Ристовски (Динамо Загреб, Хрватска), Дарко Велковски (Ријека, Хрватска), Висар Муслиу (Инглоштад, Германија), Кире Ристевски (АЕЛ Лимасол, Кипар), Езѓан Алиоски (АЛ Ахли, Саудиска Арабија), Тодор Тодоровски (Серед, Словачка), Стефан Ашковски (Сепси, Романија), Никола Серафимов (Залаегерцег, Унгарија);

Среден ред: Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Енис Барди (Леванте, Шпанија), Стефан Спировски (МТК, Унгарија), Тихомир Костадинов (Пјаст, Полска), Јани Атанасов (Хајдук, Хрватска), Ердал Ракип (Малме, Шведска), Бобан Николов (Шериф Тираспол, Молдавија), Давид Бабунски (Дебрецин, Унгарија);

Напад: Адис Јаховиќ (Гестепе, Турција), Милан Ристовски (Спартак Трнава, Словачка), Бојан Миовски (МТК, Унгарија), Дарко Чурлинов (Шалке 04, Германија), Александар Трајковски (Ал Фахја, Саудиска Арабија), Ваљон Етеми (Истанбулспор, Турција), Дориан Бабунски (Дебрецин, Унгарија).