Заканите за тужба нема да поминат – порача на денешната прес-конференција скопската градоначалничка Данела Арсовска по најавата на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска дека ќе ја тужи поради нејзините обвинувања оти министерката знаела за пожарот во Универзалната сала и не го пријавила.
Прашањето за кое министерката за култура најави тужба, како што рече градоначалничката, и натаму останува неодговорено, и слободно може да биде предмет на тужба против неа.
„Министерката за култура денеска успеа самата себеси да се побие имајќи предвид дека изјави дека ќе ме тужи за изјава во која сум цитирала нејзина изјава. Напоменувам дека додека траеше гасењето на пожарот во Универзалната сала лично таа пред сите медиуми истакна дека осознала за пожарот нешто пред 9 часот. Првото јавување во противпожарната бригада беше дојавено од случаен минувач во 9:50 часот. Имајќи ја предвид оваа лага, бидејќи самата ја побива своја изјава дадена за медиумите, должна сум уште еднаш да побарам одговори“,рече Арсовска на денешната прес-конференција.
Покрај за ова, градоначалничката рече дека ќе продолжи да бара одговори и за прашањата поврзани со околностите за пожарот во Универзалната сала кои ги постави вчера, а за кои рече дека наместо одговори, добила напади, закани за тужби и измислување на нешто што не е базирано на факти. Додаде дека додека не ги добие одговорите, Град Скопје нема да застане и ќе продолжи да открива факти со кои ќе ги разобличи оние кои, како што рече, сакаат да поминат неказнети за штетата што ја предизвикуваат.
„Денеска министерката излезе и почна да мавта со некои документчиња кои не само што не знае да ги прочита, туку не ги знае значењата на тие доклументи, нтиу знае врз основа на што се темелат, кои се прописите врз коишто тие се засновани. Единственото нешто што јас го слушнав е заканата дека ќе треба да одговарам. Ако сум сторила нешто погрешно, во ред, меѓутоа знаеме дека оној којшто ги прекршил законите и којшто преземал нешто што е спротивно на закон не е Градот Скопје ниту кој било во Градот Скопје туку оние коишто во овој момент не одговараат на прашањата кои ги упативме од ова место“, додаде градоначалничката.
Арсовска обвини дека на денешната прес-конференција Костадиновска-Стојчевска не ги прочитала сите членови од заедничкиот договор меѓу Министерството за култура и Градот Скопје, што, како што рече, ако го направеше, јавноста ќе беше запознаена дека Министерството е должно да извести за секоја активност која е поврзана со изградбата односно со реконструкцијата на Универзална сала, која е во сопственост на Град Скопје.
„Министерката е должна и морала да знае дека позитивните законски прописи во Законот за јавни набавки не познаваат промена на ивеститор односно промена на договорен орган во постапка која е завршена и архивирана. Таа очигледно не знае каков документ потпишала со Градот Скопје затоа што јас кажав дека единствен којшто може да донесе таква одлука за пренос на правото на реконструкција на салата е Советот на Град Скопје и токму тоа е она што Советот го направил и за истото донел одлука. Токму тоа стои на договорот кој министерката го склучила со Град Скопје каде што стои цитирам ‘договор за регулирање на меѓусебните права и оврски на договорените страни во врска со реконструкција на објектот на Универзлана сала Скопје4. Никаде во овој договор не се споменува промена на инвеститор ниту ова претставува договор за промена на инвеститор, а ниту тоа не е возможно согласно Законот за јавни набавки ниту е возможно да продолжите јавна набавка по договор кој е завршен, реализиран и трајно архивиран“, дополни Арсовска.
Арсовска ја отфрли изјавата на министерката оти потпишала неколку документи поврзани со почетокот на реконструкцијата на Универзалната сала и додаде дека тоа го сторил поранешниот градоначалник Петре Шилегов.
„Второ, за оваа реконструкција, која требало таа да ја отпочне затоа што сите постапки претходни биле истечени и коишто ниту формално правно ниту на кој било друг начин не може да се продолжат, таа барала ново решение за реконструкција во коешто, за жал документите кои Град Скопје ги предал не се цитирани, туку се цитирани други документи. Понатаму, кажува дека од Градот преземале мислење за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на Универзалната сала издадена од ИЗИС на 2 ноември 2021 година. Да, овој документ ние сме го предале, но во истиот има информација која ја зборуваме две години, а тоа е дека за прокетот којшто госпоѓата министерка го има кај себе, мислењето за сеизмичка сигурност е поништено“, изјави градоначалничката.
Во ова насока Арсовска рече дека Град Скопје озовможува документација во која може да се види следот на настаните, Министерството да се запознае со проектот и да продолжи да го работи согласно законот, а не вон него.
„Важно е и суштинско да знаеме по кој проект работело Министерството за култура и изведувачот на терен, да знаеме кој бил управителот на градба, надзорот и по кој проект се работело. Апелирам да ги добиеме одговорите на овие прашања, а понатаму ќе продолжиме да разобличуваме што се случува во оваа постапка. Ние како градска администрација сме целосно сигурни во ова што го говориме, тоа го знаеме и убедени сме во истото уште од 2022 година кога ги добивме релевантните документи и информации за тој проект“, рече градоначалничката на Град Скопје на денешната прес-конференција.
Министерката претходно рече дека Арсовска сака да го сокрие сопствениот неуспех оти изгубила судски спор за одложената реконструкција на Универзална што граѓаните ги чини 20 милиони денари.
На прес-конференција покажa неколку документи меѓу кои и мислење од ИЗИИС за безбедноста којa градоначалничката ја доведе во прашање.
„Ова е решение за реконструкција со наведена целосна документација. И еве го мислењето за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, издадено од ИЗИИС. 02.11.2021 година. Никаде во документацијата не стои дека тоа е одбиено или поништено. Апсолутно никаде. Ова е непосредно после локалните избори, што значи дека е прибавено од нејзина страна и потпишано и платено од нејзина страна“ – Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура.