„Безбедноста на БиХ е уште поважна по руската агресија врз Украина“
Жозеп Борел – високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел денеска потврди дека Унијата ќе продолжи да го поддржува одржувањето на мирот и стабилноста во БиХ, нагласувајќи дека тоа стана особено важно по руската агресија врз Украина.
Борел е во Сараево на крајот од неговата регионална мини турнеја, а во воената база на ЕУ во близина на главниот град на БиХ, учествуваше на церемонијата по повод завршувањето на процесот на зајакнување на воениот контингент на ЕУФОР.
„Понекогаш е неопходно да се покаже сила за да се обезбеди мир“ рече Борел.
Борел истакна дека засилувањето е мерка на претпазливост, иако во моментов нема директна закана за безбедноста и мирот во БиХ. Тој објасни дека Унијата сака да се осигура дека може да реагира во случај на каква било кризна ситуација.
„Сакам да испратам јасна порака до оние кои мислат да се обидат да ја дестабилизираат Европа и Западен Балкан: Операцијата „Алтеа“ е тука за да го спречи тоа“ – нагласи Борел и додаде дека ЕУ сигурно ќе ја задржи таа мисија онолку долго колку што е потребно со јасен извршен мандат за зачувување на мирот.