„Хуманоста на невладината „Меѓународен сојуз“ остана само на хартија, а во реалност се случи измама“.
Вака денеска во скопскиот Кривичен суд ги започна завршните зборови обвинителот Трајче Пеливанов во случајот „Меѓународен сојуз“, каде првообвинет е Бојан Јовановски – Боки 13.
Според обвинителот, во тек на ова постапка било докажано дека обвинетите ги сториле кривичните дела за кој се обвинети.
„Обвинетите сериозно работеле да оставаат силен впечаток во јавноста. Неспорно е дека оваа дело обвинетиот Бојан Јовановски, не можел да го реализира сам, туку со влијание на останатите обвинети. Неспорна е и улогата на обвинетата Ременски, таа знаела дека извршната власт не стоела зад договорите. Оштетените кажаа дека доколку не била обвинетата Ременски, немале да ги склучат договорите“ – рече Пеливанов, наведувајќи дека што се однесуваа на обвинетата Јасна Мандиќ, таа ги контактирала странките и знаела се што се случува во невладината „Меѓународен сојуз“.
Според Пеливанов, обвинетата Јасна Мандиќ свесно и по сопствена волја му помогнала на обвинетиот Бојан Јовановски во извршувањето на кривичното дело „измама“.
Тој побара од Судот да ги прогласи обвинетите за виновни, имајќи ја предвид тежината на кривичното дело.
Покрај Јовановски, обвинети во овој случај се и поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски, татко на првообвинетиот Бојан Јовановски, и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.
Ременски се товари за кривично дело „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“.