Српскиот претседател Александар Вучиќ доцна синоќа најави дека на почетокот на следната седмица ќе испрати специјален пратеник кај претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации и ќе побара од светската организација, по повод најавуваниот предлог за усвојување на резолуцијата за геноцидот во Сребреница, за „добро да го разгледа прекршувањето на сите процедури“.
По состанокот со политичкото раководство на Република Српска, Вучиќ рече дека Србија ќе ги искористи сите политички средства за да им се спротивстави на земјите на НАТО „од Турција до Германија“ во врска со најавената резолуција, оценувајќи дека „мали се шансите за успех“, но дека ќе се бори за секој глас во ОН.
Како „главни спонзори“ на таа резолуција, Вучиќ ги спомена „земјите од НАТО – Германија, Велика Британија, САД, Франција, Турција“.
Оценувајќи дека усвојувањето на резолуцијата за геноцидот во Сребреница може да предизвика „голема штета на регионот, особено на БиХ“, Вучиќ посочи дека „го молел луѓето во Република Српска“ уште еднаш да размислат за сите нивни одлуки и потези.
Претходно, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, најави дека „ќе донесе одлуки“ против најавената резолуција.
Негирајќи дека се случил геноцидот во Сребреница и дека е измислен за да се префрли вината колективно врз српскиот народ, Додик рече дека – доколку резолуцијата биде усвоена – „Република Српска ќе го напушти одлучувањето во Босна и Херцеговина“.