Владата со антикризни мерки за јавниот сектор, ќе се намалуваат трошоци
Македонската Влада вечерва усвои антикризни мерки за рационализација на трошоците во јавниот сектор.
Сите буџетски корисници се задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 проценти и најдоцна до 21. март да достават предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии.
Владината прес-служба информираше дека мерките за рационализација предвидуваат забрана за започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата.
Буџетските корисници и правни лица основани од државата ќе треба за 50 проценти да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користењето на службени возила, а ќе треба да го намалат и бројот на службени патувања и бројот на членови на делегации при патувања во странство.
На регулаторните тела, единиците на локалната самоуправа, локалните јавни претпријатија и останатите установи кои се под надлежност на општините им се препорачува да ги следат донесените владини мерки и да преземат активности за рационализација на нивните расходи.