Андоновски: Македонскиот јазик може да биде загрозен од нас самите и од никој друг

Интервју на Марија Димишкова со македонскиот писател Петар Андоновски

„Македонската култура одамна има добиено ,,датум за преговори” со Европската Унија. Многу од нашите уметници првин постигнаа успех во Европа, па после дома. И додека дебатните емисии за локалните избори од пред еден месец завршуваа со „за културата не кажавме ништо, но за тоа во некој следна прилика”, нашата култура се повеќе зазема сериозно место на европската културна мапа”, вели писателот Петар Андоновски во интервју за веб портал „Трилинг“.

Трилинг: Периодов во кумановскиот театар се подготвува претстава по вашиот роман „Лето во кое те нема”. Какво е вашето искуство со театарот овие денови?

Aндоновски: Последните неколку години се јави еден нов тренд во театарот во Македонија, се повеќе режисери сакаат на сцена да постават македонски автори што е за голем поздрав. Пред пандемијата беше поставена ,,Мојот маж” од Румена Бужаровска во Драмски, сега во театарот во Куманово се поставува мојот роман ,,Лето во кое те нема”. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи зашто ваквите промени потребни им се и на театарот и на книжевноста. Театарот за мене е ново искуство. На предлогот на режисерката Драгана Гунин да се направи претстава според мој роман видов можност двете мои големи љубови книжевноста и театарот да ги спојам во едно. За сето ова време додека одам на проби научив многу. Театарот и книжевноста се разликуваат, особено ако станува збор за адаптација на книжевно дело. Тоа што може да влезе во еден роман не секогаш може и на сцена. ,,Лето во кое те нема” e подизменет, прилагоден кон театарот, но суштината на романот е задржана.

НАГРАДИТЕ НЕ ПРАВАТ  ПОВИДЛИВИ

Трилинг: Минатата година ја добивте Европската награда за литература за романот „Страв од варвари”. Дали оваа награда предизвика поголем интерес за вашата книжевна дејност?

Aндоновски: Наградите се многу важни за сите нас кои пишуваме на ,,мали” јазици, особено ако станува збор за награди како Европската. Наградите не не прават подобри писатели, но не прават повидливи.  ,,Страв од варвари” летово беше објавен на англиски, пред еден месец излезе и во Србија, а до крајот на годината треба да излезе и на француски јазик. Наредната година треба да излезе и на италијански, бугарски и хрватски. Наредната година ќе биде претставен и на Саемот на книга во Лајпциг и во Брисел. Европската награда за литература ми ја отвори вратата кон европските читатели.

КУЛТУРАТА ОДАМНА ИМА ДОБИЕНО „ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ”

Трилинг: Андоновски, како се позиционирани македонската книжевност и култура надвор од границите на земјава?

Aндоновски: Македонската култура одамна има добиено ,,датум за преговори” со Европската унија. Многу од нашите уметници првин постигнаа успех во Европа, па после дома. И додека дебатните емисии за локалните избори од пред еден месец завршуваа со ,,за културата не кажавме ништо, но за тоа во некој следна прилика”, нашата култура се повеќе зазема сериозно место на европската културна мапа.

Трилинг: За катедрата по македонски јазик секоја година е се помал интересот, сведоци сме на погрешно толкување на правоговорот, се почеста употреба на „јазикот“ на социјалните мрежи. Се сквернави ли македонскиот јазик? Колку писателите и авторите во земјава се доволно гласни во намерата да го заштитат?

САМИ СИ ГО ДЕВАЛВИРАМЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Aндоновски:  Неколку пати кога сум зборувал за негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија сум истакнувал дека макадонскиот јазик може да биде загрозен само од нас самите и од никој друг. Дури и малиот интерес за катедрата по македонски јазик не е толку страшна, реално на таа катедра и не треба да се запишуваат многу студенти. По дипломирањето македонски јазик вие можете да работите само како професори по македонски или како лектор, замислете ако секоја година имаме по илјадници дипломирани професори по македонски. Проблемот со македонскиот јазик е друг. Ние зборуваме за писменоста на социјалните мрежи, а вие се повеќе имате и портали и весници со новинари кои пишуваат ,,неможам” или ,,подршка” и уште многу вакви примери. Колку од порталите или весниците имаат лектори? Или колку пати сте купиле книга, внатре пишува име на лектор, а книгата воопшто не е лекторирана. Дури и голем дел од издавачките куќи (особено помалите) воопште немаат лектори. Затоа не треба да бидеме изненадени што јазикот на социјалните мрежи е таков каков што е. Се додека имаме медиуми и книги со јазични грешки ќе имаме и неписмен народ.

Трилинг: Реформите во образовниот ситем во државава и воведувањето на електронски учебници поттикнаа бурни реакции кај јавноста. Каков е вашиот став за овој метод на образование?

Aндоновски: Јас како некој што припаѓа на една друга генерација и кој ги сака книгите предност секогаш би им дал на печатените книги. Но, новите генерации повеќе се идентификуваат со технологијата и мислам дека за нив поинтересни би биле електронските учебници. Мислам деке проблемот околу ова прашања беше претеран и повеќе политички. Мене повеќе ме загрижува што секој може да биде автор на учебник и да си пише што сака. Многу често мои пријатели кои имаат деца споделуваат застрашувачки текстови. За мене содржината е многу поголем проблем од формата.

Трилинг: Андоновски, сметате ли дека политичките одлуки може да имаат негативни последици на писменоста и образовниот напредок кај новите генерации?

Aндоновски:  Доколку се работи за погрешни одлуки и тоа како можат да имаат негативни последици. Особено кога станува збор за нешто толку чувствително како образование и особено затоа што се работи за генерации кои треба да бидат иднина на оваа земја.

НИЕ СМЕ НАЦИЈА КОЈА САКА ДА ЧИТА КНИГИ

Трилинг: Живееме во време во кое социјалните мрежи го окупираа вниманието на човештвото. Каква е улогата на книгата во моментов? Дали имаме континуирана читателска сила?

Aндоновски:  Не постои нешто што може да ги замени книгите. Книгите секогаш ќе ни се важни и ќе се во мода. Погледнете само колку јавни личности од политичари, пеачи, спортисти до бизнисмени и криминалци кога сакаат да дадат дополнителна тежина на својата кариера пишуваат книги. Тоа само го потврдува тоа дека книгите ни се важни и ништо не може да ги замени. Од мое искуство не само како писател туку и како некој кој веќе десет години работи во продажба на книги слободно можеам да кажам дека сме нација која сака да чита книги. Особено ме радува тоа што се повеќе луѓе предност им даваат на македонските автори.

Интервјуто со писателот Петар Андоновски го направи Марија Димишкова