Во Турција запленети 608 килограми кокаин
Турската полиција заплени 608 килограми кокаин, што е трета по големина заплена на тој вид дрога во историјата на земјата, соопшти денеска турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Дрогата, главно во течна форма, е запленета во операција спроведена во три провинции, објави Јерликаја на платформата Х.
Запленети се и речиси 830 килограми хемикалии кои се користат за преработка на дрогата.
Јерликаја рече дека полициската акција била насочена кон меѓународна банда, наводно предводена од државјанин на Либан и Венецуела, кој бил приведен заедно со четворица странци, членови на организирана криминална група и девет Турци.
Групите за надзор на организираниот криминал велат дека Турција расте како транзитен центар за кокаин што доаѓа од Јужна Америка во Европа.