Во потрага по телото на малата Данка, полицијата го пребарува поширокото подрачје на селото Злот

Продолжува потрагата по телото на двегодишната Данка Илиќ од Бор. Полицијата го пребарува поширокото подрачје на селото Злот, околината на куќите на осомничените, гробиштата, бараките, шупите, непристапниот терен во Кањонот Лазарев. Во текот на вчерашниот ден, припадници на Одделението за вонредни состојби го пребарувале потокот во близина на куќата на еден од осомничените за убиството.

Припадниците на Управата за криминалистичка полиција (УКП) од Белград и Бор од вторникот вршат увид во околината на куќата на Д. Д., осомничен за убиството на малата Данка.

Во понеделникот беше претресен вториот дел од Кањонот Лазарев, откако полицијата заедно со спасувачката екипа и Планинарската спасувачка служба ги прегледа првите 3,5 километри. Се пребаруваше и јамата над кањонот длабока 70 метри.

Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март на семејниот имот.

По 10-дневна потрага и детални проверки на сите индиции и информации, полицијата уапси двајца 50-годишни мажи од Бор, осомничени за убиство, кои се спроведени на распит во Вишото јавно обвинителство Заечар.

Станува збор за работници од „Водовод“ на кои им е одредена мерка притвор до 30 дена. Тие се товарат за кривично дело тешко убиство во соизвршителство.

Обвинителството соопшти дека Д. Д. го признал делото, додека Ј. С. бранеше со молчење. Таткото и братот на еден од осомничените се уапсени под сомнение дека помогнале да се пренесе телото на засега непозната локација. Братот на осомничениот за убиството на Д. Д. починал во Полициското одделение во Бор.

Во меѓувреме, директорот на ЈП „Водовод“ во Бор поднесе оставка од, како што наведе, морални причини.

Коментирајќи го убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека ќе и предложи на Владата повторно да се воведе смртната казна за најтешките кривични дела.