Пристапот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон војната во Газа е „погрешен“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
„Мислам дека тоа што го прави е погрешно. Не се согласувам со неговиот пристап“, рече Бајден во интервју за „Univision“, американската ТВ мрежа на шпански јазик што се емитуваше во вторник.
Тој апелираше до израелските власти „само да повикаат“ на прекин на огнот во траење од шест до осум недели и да овозможат целосен пристап до хуманитарната помош наменета за населението во Газа зафатена од војна.
Бајден, исто така, рече дека во разговорите со лидерите на земјите од регионот, „од Саудијците до Јорданците до Египќаните“, добил уверување дека тие се подготвени да започнат со испорака на помош и дека тоа треба „да се направи сега“. Американскиот претседател, исто така, претходно го нарече израелското бомбардирање на Газа „недискриминирачко“, а неговите воени дејствија „претерани“.
Белата куќа минатата недела објави дека Бајден, во разговор со Нетанјаху, се заканил дека американската поддршка за израелската офанзива ќе ја условува со преземање конкретни чекори за заштита на хуманитарните работници и цивилите.