Средба Камерон – Трамп за помошта од САД за Украина
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон денеска се сретна со поранешниот американски претседател Доналд Трамп со намера да ги убеди своите колеги од Републиканската партија во Претставничкиот дом да одобрат помош за Украина.
Во САД, Камерон ќе се сретне и со републикански пратеници и членови на администрацијата на претседателот Џозеф Бајден, пренесува Блумберг.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, републиканец, досега одби да свика гласање за новиот безбедносен пакет, кој вклучува 60 милијарди долари помош за Украина.
Во видеото на мрежата Х пред да замине за САД, Камерон рече дека „претседателот Џонсон може да успее во Конгресот“ и дека „на Украина и се потребни тие пари“.
Трамп, кој ќе бара реизбор за претседател на 5 ноември, често ја критикуваше помошта за Украина и сугерираше дека треба да и се дадат заеми наместо директно финансирање.