ЕУ усвои нови санкции против Русија, најстроги во историјата!

Европската унија утринава и официјално го договори четвртиот пакет санкции против Русија. Новиот круг санкции, кој денеска стапува во сила, предвидува рестрикции за голем број олигарси, забрана на продажба на луксузни стоки кои се извезуваат во Москва и ќе погоди неколку одбранбени компании.

Амбасадорите на ЕУ вчера се согласија за четвртиот пакет санкции по руската инвазија на Украина пред три недели. Санкциите ќе бидат формално воведени откако ќе бидат објавени во Службен весник на ЕУ, во текот на денот.

„Новиот пакет европски санкции против Русија ќе погоди повеќе од 600 Руси. Усвоен е нов пакет санкции кој ќе влијае на повеќе од 600 Руси, рече Ле Мер. Министерот одби да даде какви било имиња на руски државјани вклучени во оваа листа. – Значаен дел од рускиот финансиски систем падна под санкции“ – соопшти францускиот министер за финансии – Бруно Ле Мер.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно рече дека ЕУ работи на суспендирање на правата за членство на Русија на водечките мултилатерални институции, вклучително и Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Ова ќе и овозможи на Унијата да забрани или да воведе казнени царини за руски стоки, слично на она што се прави со Северна Кореја или Иран.

Пакетот, исто така, ќе го додаде сопственикот на фудбалскиот клуб Челзи, Роман Абрамович и 14 други на списокот на ЕУ на санкционирани руски милијардери, соопштија претходно ЕУ дипломати.

Санкциите вклучуваат и Забрана за увоз на низа производи од челик; Забрана за нови инвестиции во енергетскиот сектор на Русија, со ограничени исклучоци за цивилната нуклеарна енергија и транспортот на одредени енергетски производи назад во ЕУ; Забрана за извоз на луксузни стоки (на пр. луксузни автомобили, накит) од ЕУ: Забрана за oценување на Русија и руските компании од агенциите за кредитен рејтинг на ЕУ и обезбедување услуги за рејтинг на руски клиенти, што би довело до дополнително губење на пристапот до финансиските пазари на ЕУ.