Животот на Мирко нема почеток и крај. Во темелите на секоја зграда, во секој клуб, институција, плочник, во секој од малкуте останати скопски паркови стои името на овој човек. Мирко во се што правеше ги менуваше работите. Тој беше голем оптимист, никогаш не се откажуваше и секогаш велеше да не стануваме комформисти. Да продолжиме да го менуваме светот како тој што го менуваше.
Со овие пораки, последен поздрав на денешната комеморација што се одржа во Скопје упатија колеги и пријатели на еден од најпознатите македонски автори и продуценти на електронска музика, Мирко Попов, кој почина минатата недела на 51 година.
За време на комеморацијата беа пуштени и видеа снимки од обраќањата на неговите колеги од регионот, кои упатија последен поздрав до Мирко.
Мирко Попов е роден во 1972 година во Скопје. Тој во 2003 година го формираше бендот „ПМГ Колектив“, каде беше автор на музика и текстови и вокалист. Првиот професионален ангажман како диџеј го добил во 1992, а истата година доби простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“. Од 2008 до 2010 бил главен и одговорен уредник на „Канал 103“. Има издадено албум и неколку миниизданија и реализирано концерти со водечкиот македонски џез состав „Сетстет“. Од 2020 продуцираше, издаваше и настапуваше и како соло артист под името „Мирко Попов квартет“. Автор е на повеќе книги, а заедно со музичарот Владан Дробицки беше идеен творец на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“.