Некои од пораките на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во разговор со неговиот француски колега Себастиен Лекорну се заканувачки, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
– Министерот за одбрана на Франција поднесе извештај, како што е вообичаено кога министрите разговараат со своите колеги. Некои од изјавите од руска страна беа навистина чудни и заканувачки – рече тој на свеченото отворање на Олимпискиот центар за спортови на вода во близина на Париз.
За време на телефонскиот разговор со Лекорну, Шојгу, меѓу другото, рече дека режимот во Киев не прави ништо без западните покровители и дека Москва смета на фактот дека терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ не стои зад францускиот специјал служби, соопшти руското Министерство за одбрана.
Тој посочи и дека евентуалното испраќање војници во Украина ќе и создаде проблеми на самата Франција.
Како што беше посочено, францускиот министер упорно се обидуваше да го убеди Шојгу дека Украина и Западот не се вмешани во нападот, префрлајќи ја одговорноста на Исламската држава.
Макрон рече и дека француската страна има корисни информации за организацијата на тој терористички напад.
– Побарав од директорот на службата и од ресорниот министер да направат технички разговори. Најпрво да изразиме солидарност, а бидејќи имаме корисни информации – нема да ги презентирам овде – за изворот и организацијата на овој терористички напад – рече тој.
Според последните информации, во терористичкиот напад во „Крокус сити хол“ загинале 144 лица, меѓу кои шест деца, а 551 лице е повредено.