Грчката полиција разби криминални групи, вршеле кражби на туристички локации во Атина

Ограбувале туристи и граѓани во јавниот превоз и на туристички локации во Атина; обивале автомобили; продавале дрога и пуштале во оптек фалсификувани банкноти, со што нелегално се стекнале со над 1,2 милиони евра – грчката полиција разби шест криминални банди, кои дејствувале во грчката метропола, а идентификувани се 237 членови, од кои 50 се веќе уапсени.

Од грчката полиција соопштија дека во специјалната оперативна акција спроведена во понеделникот биле разбиени криминалните групи, а секоја од нив имала специјализирано поле на дејствување: две вршеле кражби во јавниот превоз и на туристички локации, една била активна во трговија со дрога, друга со фалсификувани банкноти, петтата вршела кражби од автомобили, а членовите на последната биле задолжени за чување на украдените предмети.

Едната подгрупа, која крадела во јавниот превоз и на туристички локации, биле 94 лица, главно со романско потекло, нивната цел биле паричници, мобилни телефони, патни исправи и други вредни предмети, а со слична активност била и подгрупата од 34 лица, главно со албанско потекло, која дејствувала на метро линијата од аеродромот до атинското пристаниште Пиреас, регион што бил единствено во нивна надлежност и доколку друга група сакала да краде на оваа линија морала да добие дозвола и да следи конкретна квота.

Друга група, вкупно 46 лица продавале дрога во центарот на Атина, додека пак други 19 лица, продавале фалсификувани банкноти и имале посебен ценовник: банкнотите од 100, 50 и 20 евра се набавувале за 30, 15 и 5 евра.

Петтата група од 19 членови, пред сè со арапско потекло обивале автомобили и краделе од внатрешноста, додека пак последната група, вкупно 24 лица ги координирала активностите на целата криминална мрежа и ги собирала украдените предмети.

Криминалната мрежа стои зад над 450 кражби на граѓани и туристи во јавниот превоз и на туристички локации, над 120 случаи на обиени автомобили и пуштање на над 1.500 фалсификувани банкноти.

Во рамки на акцијата полицијата извршила над 120 претреси во продавници, куќи и домови и меѓу другото, пронашла и запленила: 73.725 евра, 697 долари, банкарски чек во вредност од 14.000 евра, наркотични средства, оружје, осум автомобили и осум мотоцикли, 461 мобилни телефони, таблети, лаптопи и дронови, камери, 123 патни исправи, банкноти од различни земји, фалсификувани евра, часовници, накит и вредни предмети итн.

Според проценките на грчката полиција, незаконската економска придобивка на криминалните групи надминува 1.200.000 евра.