Пендаровски: Очекувам да влезам во вториот круг и да ги добијам изборите

Со отворање на централниот изборен штаб во центарот на Скопје, од денеска започнува изборната кампања на кандидатот за претседател Стево Пендаровски.

До првиот круг на гласање, предвидено е Пендаровски да посети над 60 населени места во земјата.

Во изјава за медиумите, кандидатот за претседател Стево Пендаровски истакна дека иако зад себе има пет годишен мандат и македонските граѓани многу добро знаат за што се залагал како претседател, за што бил против и знаат што може да очекуваат и во следните пет години, Пендаровски рече дека сака со граѓаните да ги сподели неговите ставови за прашањата со специфична политичка динамика.

„Јас мислам дека контекстот изминативе 5 години малку се има изменето и регионалниот и внатрешниот, се разбира и меѓународниот со војната во Украина и дека би требало да ги кажам и новелирани моите ставови по некои прашања кои имаат посебна специфична политичка динамика. Очекувам дека во првиот круг, бидејќи има многу кандидати како никогаш до сега во македонската историја, гласовите ќе се поделат на повеќе страни и не очекувам дека некој има било каква шанса да добие во првиот круг. Меѓутоа во вториот круг очекувам да влезам и да ги добијам изборите на крајот“, додаде Пендаровски.

Изборниот штаб на кандидатот за претседател Стево Пендаровски се наоѓа на улица „Никола Вапцаров“, односно во близина на плоштад „Македонија“.

Во него граѓаните секојдневно ќе можат да се информираат за програмата за работа на Пендаровски во следните 5 години, за изборниот караван, како и за сите останати прашања од нивен интерес.