Полицијата во Сплит привела вкупно 51 лице поради нередите што ги предизвикаа навивачите на Хајдук на „Пољуд“ и околу стадионот по мечот со Динамо, а лекарска помош побарале тројца полицајци, извести полицијата.
Нередите избија откако полуфиналниот натпревар од Купот на Хрватска помеѓу Хајдук и Динамо заврши со резултат 0:1.
По завршувањето на фудбалскиот натпревар, по 21 часот, група локални навивачи илегално влегоа на теренот со цел да го нападнат гостинскиот тим и навивачите.
„Со навремена реакција и дејствување на полицијата нападот е спречен и луѓето се пренасочени на трибините“, соопштија од полицијата.
Во соопштението се вели дека по натпреварот, во и околу стадионот, во неколку наврати поголеми групи луѓе ја нападнале полицијата фрлајќи кон нив запалени ракети, шишиња, камења и други предмети.
„Во овој момент лекарска помош побарале тројца полицајци кои се пренесени во сплитската болница. Оштетено е и едно службено возило“, се вели во соопштението објавено по полноќ.
За време на немирите беа запалени и голем број контејнери, поради што беа ангажирани пожарникари кои со поддршка на полицијата ги гаснат пожарите.